Власта и опозицијата и денеска ги вкрстија аргументите за предлог-ребалансот на буџетот. За власта, тој е одговор на актуелните геополитички случувања и показател за одговорни политики, а според опозицијата, фискален пораз на една неодговорна политика.

Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека буџетот не е статичен документ и тој мора да одговори на реалните околности, особено кога економските услови и очекувањата за негово извршување се менуваат.

– Суштината на овој ребаланс е јасна: да се усогласат буџетските средства со реалната динамика на проектите, а истовремено да се продолжи со инвестициите што ги поврзуваат регионите, ги развиваат општините и создаваат услови да продолжи економскиот раст – рече Петрушевски.

Потсети дека се одвива голем инвестициски циклус на целата територија на државата, како што се шесте автопатски делници, двете гасоводни интерконекции, прекуграничната електроенергетска инфраструктура, железничката инфраструктура…

– Нашата обврска не е само да изгласаме буџет или ребаланс. Нашата обврска е да обезбедиме јавните пари да се трошат одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните. Секој денар од буџетот мора да има јасна цел и оправдување. Овој ребаланс е избор на одговорност пред популизам, стабилност пред финансиска неизвесност и конкретни резултати пред празни ветувања – рече Петрушевски.

Според Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ, со вториот ребаланс се потврдува одговорното владеење на Владата и се штити животниот станрад на граѓаните, продолжуваат и капиталните инвестиции и навремена подрршка за пензионерите и сите ранливи категории граѓани.

Пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ смета дека предлог-ребалансот нема да донесе долгорочна економска стабилност. Во него, како што посочи, има зголемување на буџетскиот дефицит и на вкупните расходи од првично планираните, а не се води сметка ниту за здравствената инфраструктура, животната средина и стандардот на граѓаните.

За неговата колешка Јованка Тренчевска, вториот ребаланс не е документ што претставува техничко приспособување, туку признание за нереално планирање.

– Владата тврди дека ребалансот се прави поради геополитичките случувања, но при анализа на бројките се гледа дека има сериозно потфрлање при собирањето на средствата – рече Тренчевска.

Општата расправа по вториот ребаланс на буџетот треба да продолжи по редовната едночасовна пауза.

МИА