Пратеничката Драгана Бојковска, на 81. седница на Комисијата за финансирање и буџет, порача дека вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година претставува одговорен пристап на Владата кон економските и геополитичките предизвици, со фокус на заштитата на животниот стандард на граѓаните.
Во своето обраќање, Бојковска истакна дека продлабочувањето на геополитичката криза и притисоците врз цените на енергенсите наметнале потреба од дополнителни буџетски корекции, откако претходните очекувања за постепена стабилизација на меѓународните пазари не се оствариле.
Таа нагласи дека Владата, како што посочи, уште на почетокот на кризата презела мерки за ублажување на ценовниот удар, меѓу кои намалување на акцизите и ДДВ-то за горивата, како и обезбедување директни попусти од нафтениот снабдувач.
Според Бојковска, како директен резултат на преземените мерки, приходите од акцизи се намалени за 5,3 милијарди денари, средства за кои рече дека не завршиле во државниот буџет, туку останале кај граѓаните и стопанството преку пониски цени на нафтените деривати.
„Ова не е прашање на ликвидност, туку на одговорна прераспределба на средствата заради геополитичките случувања“, истакна Бојковска, додавајќи дека буџетскиот дефицит останува непроменет на 4,1 отсто од БДП.
Таа посочи дека Владата штеди на непродуктивни трошоци, без кратење на средствата за основните потреби на граѓаните, и дека обврските на државата се сервисираат редовно и навреме.
Осврнувајќи се на инфлацијата, Бојковска рече дека според податоците што ги презентирала за септември 2026 година, Македонија имала инфлација од 2,7 отсто, посочувајќи дека тоа е најниско ниво во регионот.
Во споредбата што ја изнесе, таа наведе дека инфлацијата во Албанија изнесувала 2,9 отсто, Словенија 3,3, Србија 4,1, Хрватска 4,7, Грција 5 и Бугарија 5,6 отсто, додека просекот во еврозоната бил 3,8 отсто.
Бојковска нагласи дека, покрај намалените приходи од акцизи, приходите од данокот на личен доход, данокот на добивка, ДДВ-то и увозните давачки се повисоки во споредба со истиот период минатата година. Таа додаде дека сузбивањето на сивата економија и довербата на граѓаните и компаниите во институциите се важни за подобра наплата на приходите.
Во делот на економскиот раст, пратеничката направи споредба меѓу периодите на владеење на СДСМ и актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека просечниот квартален раст на БДП во седумгодишниот период на СДСМ и ДУИ изнесувал 1,9 отсто, додека во првите осум квартали со ВМРО-ДПМНЕ просечниот реален квартален раст бил 3,5 отсто.
Таа посочи дека проекцијата за економски раст во 2026 година останува 3,5 отсто, и покрај корекциите во буџетот.
Бојковска се осврна и на растот на платите и пензиите, наведувајќи дека просечната нето-плата во периодот од јули 2024 до јули 2026 година пораснала од 40.961 на 48.499 денари, односно за 7.538 денари.
Во однос на пензиите, таа истакна дека просечната старосна пензија од јули 2024 до мај 2026 година се зголемила од 22.858 на 29.663 денари, односно за 6.805 денари.
Пратеничката посочи и дека во текот на 2026 година државата сервисира и враќа претходни обврски и долгови во износ од 76,6 милијарди денари, оценувајќи дека станува збор за значителен товар за јавните финансии.
Во делот на капиталните инвестиции, Бојковска нагласи дека продолжува реализацијата на инфраструктурните проекти, меѓу кои шест автопатски делници на Коридорите 8 и 10, како и железничките активности на делницата Бељаковце – Крива Паланка и кон граничниот премин Табановце.
Таа посочи дека во образовната инфраструктура во изминатите две години биле вложени 70 милиони евра преку повеќе од 90 проекти, нагласувајќи дека се реконструирани студентски домови и дека Владата има обврска до крајот на мандатот да ги реконструира и останатите државни студентски домови.
Воедно, таа информираше дека социјалните расходи достигнале 212 милијарди денари, а буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади се зголемува за дополнителни две милијарди денари.
Како дел од подобрувањето на јавните услуги, Бојковска ги посочи и новите 100 амбулантни возила, 49 комунални возила, 120 возила за Министерството за внатрешни работи, како и 100 возила за Пошта.
На крајот од обраќањето, таа ги повика пратениците да го поддржат вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, оценувајќи дека со него се обезбедува поддршка за животниот стандард, продолжување на капиталните инвестиции и навремена помош за пензионерите и ранливите категории граѓани.
Бојковска порача дека претстојната расправа за новиот буџет ќе биде можност повторно да се соочат аргументите и фактите, нагласувајќи дека буџетската дебата треба да се темели на конкретни бројки и економски показатели.




