Потпретседателката на СДСМ и пратеничка Јована Тречевска, во гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, ја обвини власта поради повторното отворање на прашањето за рудниците во Иловица – Штука и Казандол. Таа порача дека граѓаните со години јасно се противат на овие проекти и дека власта не смее да ги игнорира нивната волја, заштитата на животната средина и економските интереси на струмичкиот регион – се вели во соопштението од СДСМ, кое МИА го објавува интегрално.

„Рудник во Иловица – Штука нема да има! И тоа граѓаните наназад со години го зборуваат. Разберете вие од власта, не може да ми кажете дека треба да има рудници, ќе се соочите со народот којшто ќе ви каже Не. И сега народот вели не, и тогаш ќе ви каже, не за рудниците во Иловица“, потенцираше Тречевска.

Таа посочи дека повторното ставање на маса на рударските проекти предизвикува револт кај граѓаните и граѓанските организации, кои се загрижени за последиците врз животната средина. Наместо да се игнорираат предупредувањата на локалното население, власта треба да ги земе предвид реалните ризици за регионот.

„Доаѓам од Струмица, од регион каде што се планира отворање на еден рудник за којшто дебатата беше завршена и сега повторно се отвора дебата – Иловица – Штука. Здруженијата за заштита на животната средина разговараат со граѓаните, кај коишто расте револтот заради повторното ставање на маса и на Казандол и на Иловица – Штука“, истакна Тречевска.
Тречевска реагираше и на економските аргументи со кои се оправдуваат рударските проекти, посочувајќи дека струмичкиот регион има огромно значење за земјоделското производство и економијата на државата.

„Знаете ли колку е профитот од раноградинарските производи во струмичкиот регион врз буџетот? 270 милиони евра плус во буџетот, и власта ми споредува 100 и нешто милиони од рудниците, а ќе го уништите земјоделието. Најплодната почва е струмичкиот регион. Моето потекло е на 500 метри од Иловица, онаму каде што се гради, а каде што треба да биде рудникот Иловица – Штука“, рече Тречевска, осврнувајќи се и на активностите на терен за кои, како што посочи, граѓанските организации редовно информираат преку социјалните мрежи.

„Волјата на граѓаните не смее да се игнорира, а природните богатства, плодната почва и земјоделскиот потенцијал на струмичкиот регион мора да бидат заштитени од одлуки што можат да предизвикаат долгорочни последици, рече Тренчевска.

Фото: СДСМ