Хрватската политичарка Маријана Петир истакнува дека европската иднина на Македонија не смее да биде заложник на билатерални спорови.

-Ми беше чест да учествувам на тркалезната маса „Македонскиот пат кон Европската Унија и хрватското искуство“, заедно со дипломатите Владимир Дробњак и Емил Крстевски, амбасадорот Златко Крамариќ и аналитичарот Мирчо Адамчевски. Македонија чека на реализација на својата европска перспектива веќе 21 година. Спроведе бројни реформи и се согласи на тешки компромиси, вклучително и промена на името на земјата, а нејзиниот европски пат е сè уште блокиран, пишува Петир.

Додава дека како членка на Европскиот парламент, ја основала и ја водела групата „Пријатели на Македонија“, залагајќи се за нејзиниот европски пат, меѓусебно разбирање и почитување на македонскиот идентитет.

-Европската Унија не смее да применува двојни критериуми! Билатералните прашања не смеат да бидат пречка за европската интеграција, а националниот идентитет, јазикот и историјата не смеат да бидат предмет на политички услови. Македонија не бара привилегии, туку фер третман. Хрватска беше и останува нејзин искрен пријател, вели Петир.

Тркалезната маса ја организираа Хрватско-Македонската тангента и Хрватската паневропска унија, под покровителство на Македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.