Демократите и републиканците во американскиот Сенат денеска ќе гласаат за усвојување на 111 милијарди долари вредниот пакет помош за Украина и Израел.

Гласањето сепак има мали шанси да успее (потребно е двотретинско мнозинство кое демократите го немаат во Сенатот), откако лидерот на мнозиството, републиканецот Мич Меконел синоќа изјави дека неговата партија ќе гласа „против“, бидејќи има горливи проблеми со контролата и заштитата на јужната граница на САД, каде понекогаш од Јужна Америка пристигаат и по десеттина илјади имигранти дневно, од кои илјадници влегуваат во САД со надеж да добијат азил.

Парите се дел од поширок пакет претходно одобрен од претседателот Џо Бајден што вклучува средства за ангажман на имиграциски судии и процесирање на имигранти, како и пари за ракетната одбрана на Израел. Средствата наменети за Украина вклучуваат 12 милијарди долари трошоци за нормално функционирање на владата во Киев, 15 милијарди долари воена помош и 2.3 милијарди помош за украинските бегалци.

Њујорк тајмс денеска цитира неименувани службеници на Пентагон дека помошта за Украина не е исцпрена, како што тврди администрацијата. Според нив, постои авторизирана но неискористена сума од 4.8 милијарди долари што може да се испрати на Киев во текот на зимата.

Администрацијата на Бајден тврди дека контраофанзивата на Украина против вкопаните руски сили во јужна Украина засега не ги постигна целите, и силите на Москва на исток одат во офанзива, па доколку не стигна соодветна воена помош, постои можност Украина да биде поразена.

Синоќа пак, сенаторите очекуваа украинскиот претседател Владимир Зеленски да се придружи на брифингот по безбедна видео врска, но во последен момент тој го откажа присуството. На брифингот зад затворени врати учествуваа државниот секретар Ентони Блинкен, министерот за одбрана Лојд Остин, генералот Чарлс Браун, шеф на Генералштабот на здружените сили, и директорите на националната разузнавање и на УСАИД.

Според медиумски извештате, на средбата биле разбранувани духови, каде републиканците ги обвинувале демократите за кусокот воена помош за Украина, а демократите враќале со критика зошто бараат врзување на помошта со предизвиците на јужната граница, и дека некои од тие прашања се предвидени во пакетот.

Од моментот кога Русија изврши инвазија на Украина САД на оваа земја досега обезбедиле 111 милијарди долари помош. Како што наведува Вашингон тајмс, многу од овие пари беа воена опрема која одеше директно на боиштата за засилување на капацитетите на Украина. Во неа се вклучени една батерија за ракетна одбрана „Патриот“, повеќе од 2.000 противвозодушни системи „Стингер“, 21 радар за воздушно набљудување, повеќе од 7.000 прецизно наведувани артилериски патрони од 155 мм, повеќе од 400.000 артилерски патрони од 122 мм, стотици минофрлачи, повеќе од 30.000 артилериски мински противоколопни системи, повеќе од 100.000 заштитни панцири и шлемови, речиси 200 хаубици и неверојатни два милиони патрони од 155 мм, 20 „Авенџер“ системи за воздушна одбрана и друга муниција.

Употребата на ова оружје на фронтот, дел од вкупните капацитети снабдувани и другите западни земји од ЕУ и Канада, досега резултираше во огромни загуби за руската страна.

Најмалку 50.000 руски војници и 20.000 руски платеници регрутирани од „Вагнер“ се убиени на боиштата во Украина, откако рускиот претседател Владмир Путин започна воена агресија врз оваа земја лани во фебруари, се дознава од најнова анкета на британското Министерство за одбрана, соопштува Вашингтон тајмс.

Заедно со ранетите во бој извештајот оценува дека Русија досега претрпела од 290.000 до 350.000 загуби во жива сила .

-Дури и меѓу руските официјални лица највероатно постои мало разбирање за вкупниот број загуби поради долготрајната култура на нечесно известување внатре во армијата, се вели во извештајот.

Рускиот претседател на 1 декември потпиша указ според кој руската армија треба да се зголеми од 2.039 милиони до 2.209 милиони, со вкупен број на борбени трупи зголемен од 1.15 милиони до 1.32 милиони, соопшти Институтот за воени студии од Вашингтон