Во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска почнува пролетната сесија, што ќе трае до 19 април, на која пратениците во Стразбур ќе го разгледаат барањето на Косово за прием во таа организација.

Од српската делегација наведуваат дека ќе се спротивстават со аргументите што ќе упатуваат на безбедносната состојба во Косово, на тоа што Приштина не ја формирала ЗСО и дека со таквата одлука се крши статутот на организацијата, јавија српските медиуми.

Во нивните извештаи се додава дека претседателот Александар Вучиќ вчера изјавил дека Србија ги презела сите мерки и дека им пишал на сите членки на Советот на Европа во кои ги повикал уште еднаш да размислат за прифаќање на на Косово во СЕ како и за нивната одлука да биде различна на Комитетот на министри.

Изјаснувањето за барањето на Косово на пленарна седница, а врз основа на извештајот што ќе го презентира известувачот на ПССЕ за приемот на Косово до таа организација, Дора Бакојани, е закажан за вторник, 16 април. Мислењето на Бакојани денеска ќе биде изнесено пред Комисијата за правни прашања и еднаквост на ПССЕ, што треба да даде свое мислење.