Пратениците денес се исправени пред предизвикот да кажат конечно и последно „против“ штетниот Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во трето читање за кој одлучно „Не“ кажа Претседателот на државата, Стево Пендаровски и Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.

Како Асоцијација на спортски обложувалници (АСОМ), која се грижи за 10 илјади директно вработени и одржување на уште 54 илјади други работни места, ги повикуваме пратениците да не даваат поддршка на овој закон и да одговорат на нашите долгогодишни повици за започнување на транспарентна и инклузивна дебата преку која заеднички ќе дојдеме до вистинско европско законско решение за уредување на оваа област притоа не загрозувајќи ја иднината на нашите десетици илјади вработени, играчите и на малолетниците.

За АСОМ останува нејасна упорноста со која се турка носењето на овој закон, за кој и Делегацијата на ЕУ во Скопје забележа дека се носи со злоупотреба на европското знаменце, бидејќи конкретниот закон не е поврзан со усогласување со правото на ЕУ. Напротив, преку неправилното означување на законот со ЕУ знаме, се скратува јавната дебата за важни прашања.

Неодговорно е под заштита на ЕУ знамето да се тврди дека ограничувањето на просторот, на кој можат да работат приредувачите на игрите на среќа, е со цел да се заштитат младите од лоши и несоодветни навики за нивната возраст. Преку оддалечувањето на нашите деловни простории на повеќе од 500 метри од основните и од средните училишта власта го олеснува патот за пристап на младината до нерегулираниот простор на игрите на среќа на црно, и ги штити приватните интереси на поединци.

Овие ограничувања ќе имаат негативни финансиски последици за државниот буџет и ќе овозможат стотици милиони евра наместо за општествено корисни проекти да се слеваат во приватни џебови или да завршуваат надвор од земјата на сметките на странски компании коишто приредуваат онлајн игри на среќа.

Приливот во буџетот на државата од легалните приредувачи на игри на среќа изнесува повеќе од 280 милиони евра годишно, пари кои претставуваат силен поттик за македонската економија. Дополнително, како општествено одговорна економска гранка, годишно вложуваме дополнителни десетици илјади евра за спроведување на јавни кампањи за едукација на играчите и заштита од негативните последици.

Во таа насока, одговорно тврдиме дека нашата дејност ниту поттикнува млади да играат игри на среќа ниту пак симулира зависност. Спротивно на тврдењата на Владата, Законот за игрите на среќа скроен ваков каков што е ќе овозможи зголемување на игрите на среќа на црно, развој на сивата економија и пораст на криминалот.

Уште еднаш прашуваме во чиј интерес е носењето на овој катастрофален закон во пресрет на изборите? Свесни ли се пратениците дека со поддршката за овој закон се лишуваат од поддршката од нашите десетици илјади вработени кои наместо светла иднина за своите семејства, ќе добијат мрачна реалност од народните избраници.

АСОМ – Скопје