Пишува:Ристо ТАСЕВ

Татнежот на багерот на Кулата на Пирго, на планината Беласица, веднаш над селото Мокриево, за момент го запира шумолењето на водата од двете цевки на спомен плочата поставена во 2014 година, по повод 1.000 години од Битката на Беласица.

Плочата и чешмата гледат кон Кулата, која пред извесно време почна да се конзервира и е еден од многуте сведоци на големиот и трагичен бој, кој го означил почетокот на крајот на големото Самоилово царство. Од чешмата тивко тече водата, чиста како солза од утробата на Беласица. Планината плаче за својот цар, претвoрајќи го плачот во лелеци и пискотници кои се слушаат од „Клисурата“, веднаш до селото Водоча, каде според легендата се ослепени војниците на цар Самоил од војската на византискиот император Василиј Втори, кога наводно на секој стоти војник му оставено по едно око за да може да ја води ослепената војска до нивниот цар.

Споменот се пренесува повеќе преку легенди, помалку со историски факти и археолошки откритија

Големата битка се случила на 29 јули 1014 година на потегот во денешна Бугарија кај месноста Кључ, меѓу планините Беласица и Огражден во долината по течението на реката Струмица, односно Струмешница, притока на Струма. Таму, во соседна Бугарија, во 1982 година е подигната „Самоиловата тврдина“, спомен музеј на Битката на Беласица и на Цар Самоил.

-Од гледна точка на модерното читање, местото е исклучително стратешко за развој на одржлив туризам во пограничниот регион Петрич-Струмица. Веќе 40 години, Националниот парк Музеј „Самоилова тврдина“ е центар на атракција за стотици илјади туристи кои доаѓаат да оддадат почит на херојството и моќта на цар Самоил. Близината до границата со Северна Македонија, заедничките природни карактеристики – планините Беласица и Огражден, кои се наоѓаат на териториите на двете земји, се она што може да им помогне на двата града да изградат вистински културен мост меѓу нив. Развојот на културни иницијативи меѓу Петрич и Струмица ќе обезбеди можност за развој на други сфери од јавниот живот-туризам, екологија, социо-економски односи, заеднички рути, заеднички изложби, заеднички иницијативи за развој на регионот – ова е денешната формула, вели Катја Стоианова, директорка на Историскиот музеј во Петрич, во чија надлежност е и Самоиловата крепост.

Според неа, тоа е местото кадешто се наоѓала одбранбената структура – Демата, каде стратешки беше позиционирана војската на цар Самоил. Местото обезбедувало добра видливост и заштита по течението на реката Струмешница, во најтесниот дел помеѓу Беласица и Огражден.

-Камените ѕидови на трите одбранбени бедеми и дел од кулата за набљудување се зачувани до денес. Спомен-комплексот вклучува 5-метарска статуа на цар Самоил и рељефи со неговите ослепени војници. Автор на композицијата е професор Борис Гондов, светски познат скулптор. Зад споменикот се наоѓа изложбена сала која ја менува својата експозиција со текот на годините. Моментално, има макета на просторот со реконструкција на одбранбеното утврдување, изложба на постери и многу модерни дигитални решенија. Направена е дигитална реконструкција на Самоиловата тврдина, каква што била пред повеќе од 10 века. Постои копија од средновековна војничка земјанка, во која посетителите можат да влезат и подобро да доживеат како живееле војниците. Исто така, постои и туристички центар со сала за проекции каде што се прикажуваат филмови за цар Самоил, објаснува Стоианова.

Целиот комплекс се наоѓа во природен парк со површина од над 100 хектари. Има места за релаксација, пикници и прошетки. На почетокот на паркот има капела на Свети Архангел Михаил-за покој на душите на храбрите војници и царот Самоил. Видовитата Ванѓа, исто така, зборувала за такво место, давајќи наредба да се изгради таму, на Самоиловата тврдина.

Директорката Стоианова додава дека се уште има простор за истражување и целосно испитување на локалитетите каде се случила битката.

-Минатата година, во врска со прославата на 1010 години, во Историскиот музеј Петрич се одржа научна конференција на оваа тема. Историчарите сè уште имаат нерешени прашања. Почнавме проект за теренски истражувања на местата каде што се очекува да се наоѓаат артефакти – воена опрема или антрополошки материјал. За 2025 година не можевме да обезбедиме финансирање. Се надеваме дека следната година ќе има можност за проекти за финансирање на дополнителни теренски истражувања, посочува Стојанова.

Од Самоиловата тврдина погледот ве носи на Кулата кај Пирго

Нашата домаќинка за време на посетата на „Самоиловата тврдина“, младата Стефани, со големо внимание ни ги покажа објектите, но и Кулата за наблудување од која само еден дел, кој не е обраснат со високи дрвја, гледа кон македонската страна на планината Беласица, во правец на Кулата кај Пирго. Таму почнаа работите за конзервирање и реставрација под раководство на археолошки тим од НУ „Завод и музеј Струмица“.

Според д-р Душко Цветанов, археолог по средновековна историја, кој заедно со археологот м-р Зоран Рујак, раководат со истражувањата, станува збор за Кула која е изградена во 5 и 6 век, најверојатно во шестиот век кога имало големи градежни активности на византискиот император Василиј Први.

-Кулата има маркантни димензии, со квадратна основа 10 на 10 метри, дебелина на ѕидовите некаде околу 3 метри. Изградена е во техника со добро обработени изделкани камења со добри внатрешни и надворешни лица и внатрешноста била исполнета со поситни камења, а како средство за поврзување бил употребен малтер од вар. Подоцна овие објекти со делумни обновувања биле користени и во наредните векови и најверојатно оваа кула била во функција во периодот на Самоиловото царство, вели Цветанов.

Според Бранко Ѓоргиев, директор на НУ „Завод и Музеј Струмица“, целта е да се врати оригиналниот лик на кулата.

-Во 2011-2012 година за прв пат беа извршени сондажни археолошки истражувања на локалитетот ,,Пирго“, кој се наоѓа југоисточно од селото Мокриево, кое лежи во подножјето на планината Беласица. Иако тие траеја сосема кратко, беше откриена и истражена една централна кула со маркантни димензии. Најверојатно, до самата кула немало други придружни објекти, но тоа досега не е воочливо поради густата вегетација и столетните дрвја кои се простираат на овој простор, вели Ѓоргиев.

Додава дека археолошките истражувања на локалитетот Пирго-Каљ’ната во месноста Мокриево претставуваат прв напор во обидот да се истражуваат објектите во подножјето на Беласица кои имаат можност да бидат поврзани со Самоиловите војни и настаните околу Беласичката битка.

Според археологот м-р Зоран Рујак, познато е дека цар Самоил ги користел овие тврдини од доцната антика, иако пред се употребувал земјено палисадни утврдувања.

-Едно од тие земјено палисадни утврдувања успеваме да откриеме меѓу 2012 и 2014 година на таканаречениот јужен рид на Цареви Кули, над Струмица, каде што беше пронајдено такво утврдување со материјал којшто исклучиво наведува на тој период, значи некаде после 1014 година. Знаеме и тоа дека Василиј Втори на Давид Дарјанит му наредил да ги запали и да ги урне сите утврдувања на височинките околу Струмица. Тој податок е мошне точно наведен кај Јован Скилица, кој, инаку, бил главен хроничар на Василиј Втори и ова дефинитивно е еден доказ дека западните приоди на Цареви Кули ги штитела токму една ваква тврдина-земјено палисадна, а самите Цареви Кули речиси сигурно биле користени во тоа време. Меѓутоа, пак ќе речам, тоа е доцноантичката тврдина којашто била приспособена за одбрана и најверојатно некои места и позиции коишто биле урнати биле повторно закрепени со земјено палисадни огради или деми, смета Рујак.

Додава дека остатоци од уште една тврдина, која ја користел Цар Самоил, е „Термица“, над селото Банско, со која се надоврзува линијата од тврдини и кули на потегот од Самоиловата тврдина во Бугарија, па се до Царевите кули во Струмица, но и други утврдување во нашата држава.

На местото на ослепувањето во Водоча сега се пука, наместо да се уреди

Во „Клисурата“, место на крајот од селото Водоча, каде според легендите, за кои историчарите сепак сметаат дека се само легенди, а не и вистински настан, биле ослепени војниците на цар Самоил, денес нема ништо што би потсетувало на тој настан, значаен во историјата, кој всушност го означува крајот на владеењето на царот Самоил и распаѓањето на средновековната македонска држава.

Ова место, заради местоположбата, со години се користело како стрелиште од поранешната ЈНА, а сега од полицијата и ништо не кажува дека тука се случило едно од најголемите злосторства во историјата на војувањата.

На крајот од селото, во последните куќи, ги сретнавме таткото и синот, Драги и Тони Маџункови. Ги извршуваа секојдневните обврски хранејќи ја стоката и веднаш штом ги прашавме за местото каде според легендите се ослепени војниците, Драги како од пушка ни одговори дека имало иницијатива во 2014 година, на одбележувањето на 1.000 години од Битката, да се подигне спомен обележје, но се останало на муабет.

-Еве поминаа уште 11 години од тогаш, но нема ништо. Имаше муабети дека нешто останало оттогаш, но тоа беа остатоци од изградбата на патот кон браната „Водоча“. Имаше бараки, се градеше тунелот и можеби има останато нешто од тоа време, вели Драги.

Раскажа и една интересна случка. Имено, пред неколку денови дошол брачен пар од Скопје за да го видат местото на ослепувањето. Драги им го покажал, но тие набргу се вратиле видно разочарани, бидејќи патеката до таму била обрасната со грмушки и буквално немало ништо.

-Крајно време е општината или државата да преземат нешто, да покренат иницијатива ова место да добие некое обележје и да се уреди колку-толку за да може намерниците да го посетат и да продолжи да живее нашата приказна и легенда за „Клисурата“, апелира Драги Маџунков.

Неговиот син Тони не однесе до широката полјана, на која освен исушена трева и нисксотеблести грмушки немаше ништо друго. И тој, како и татко му, смета дека треба да се преземе нешто овој простор во подножјето на Беласица да добие барем некое скромно обележје.

-Според приказните од нашите дедовци и прадедовци името на селото, кое порано се викало Белица, потекнува токму од Вадиочи, односно денешно Водоча. Тоа не е докажано, бидејќи некои го поврзуваат со водата, односно низ селото некогаш течела реката Водочница, низ која сега истекува вишокот вода од акумулацијата „Водоча“. Како и да е, ова место заслужува да влезе во туристичките мапи на државата, а не треба да заборавиме дека во непосредна близина е Манастирот „Свети Леонтиј“, кој е интересен за домашните и странските гости, а не е мал бројот и на оние од соседна Бугарија, смета Тони Маџунков.

Според науката, за самото ослепување нема податоци каде се одвивало, а името на местото Водоча најверојатно е добиено од водата, а не од вадењето на очи.

-Засега се останува во рамки на легендите, бидејќи археолошки податоци нема, а нема ни историски, освен наводите на Јован Скилица. Приказната на Скилица вели дека биле ослепени и дека тоа е и поводот за смртта на самиот Самоил. Ќе почине во октомври истата година кога ќе стигнат војниците кај него. Ова се интересни податоци, меѓутоа што се случувало во тој период, каде конкретно се ослепени војниците и кои војници се ослепени тоа е предмет на историски расправи кои и ден денес не стивнуваат, смета археологот м-р Зоран Рујак.

Инаку, во Струмица и регионот покрај поставената плоча во месноста Пирго на планината Беласица, има биста на цар Самоил во Градскиот парк во Струмица, поставена во 2011 година, а изработена од скулпторот Синиша Новески во рамки на Меѓунароната струмичка ликовна колонија, додека пак во струмичкиот Музеј има еден мал дел кој е посветен на Самоиловите војни.

Фото: МИА