Ерих МАРИЈА РЕМАРК

Есен е. Од старите војници не останаа многу. Jac сум последниот од седумте од нашиот клас.

Сите зборуваат за мир и за прекин на огнот. Сите чекаат. Ако повторно се разочараме, сите ќе пропаднеме — толку силни ни се надежите. Тие не можат повеке да се задушат, без да експлодираат.

Ако не се склучи мир, ќе избувне револуција.

Добивам одмор од четиринаесет дена, зашто голтнав малку отровен гас. Цел ден седам на сонце во една градина. Наскоро ќе се склучи примирје, сега и јас верувам во тоа. А тогаш ќе си одиме дома.

Тука се запираат моите мисли и не можам да ги натерам да одат понатаму. Само чувствата ме привлекуваат силно и чекаат. Тоа е желбата за живот, копнежот по родниот крај, тоа е крвта, занесот за спас. Но, тоа не се никакви цели.

Да бевме се вратиле дома во 1916, ќе се дигнеше бура од болката и силината на она што го доживеавме. Кога сега ќе се вратиме дома, ќе бидеме изморени, пропаднати, согорени, без корен и без надеж. Не ќе можеме повеќе да се снајдеме.

Никој нема ни да не разбере — зашто пред нас се издига едно поколение кое, навистина, со нас заедно ги помина сите овие години, но кое веќе имало свои огништа и свои занимања, и сега ќе се врати на своите стари позиции, ќe jа заборави воіната — а зад нас израснува поколение онакво какво што бевме и ние некогаш, кое ќе ни биде туѓо и кое ќе не истурка настрана. Излишни сме си сами на себе, ние ќе растеме, некој ќе се приспособи, некој ќе се потчини, а многу не ќе можат да се снајдат — години ќе поминат и ние најпосле ќе пропаднеме.

Но, можеби сето ова на кое мислам е само едно нерасположение, само една потиштеност, која ќе исчезне кога повторно ќе застанам под тополите и ќе то слушам шумолењето на нивните лисја. Не верувам дека наполно исчезнала онаа милина што ни jа обеспокојуваше крвта, онаа неизвесност, онаа вчудовиденост, она исчекување, оние иліадници лица од иднината, оние мелодии од соништата и книгите, она шумолење и насетување на жените — не, невозможно е дека сето тоа е разурнато од артилерискиот оган, од очајноста и од војничките бордели.

Дрвјата се овде шарени и златникави, плодовите се црвенеат на гранките полни со лисја, патиштата се белеат на хоризонтот, а војничките кантини брчат како пчелини кошници од гласовите за мир.

Станувам.

Мошне сум спокоен. Нека дојдат месеците и годините — тие нема што да ми земат повеќе. Толку сум осамен и празен, што ќе можам да ти дочекам без страв. Животот што ме водеше низ сите овие години уште е во моите раце и очи. Не знам дали сум го совладал. Но, додека постои, сакал јас или не, тој ќе си го бара својот пат, без оглед на тоа што во мене зборува моето „jac”.

* * *

Загина во октомври 1918, еден ден кога на целиот фронт беше толку мирно и тивко, што воениот извештај се ограничи само на една реченица: „На Запад ништо ново”.

Падна ничкум и лежеше со лицето кон земјата, небаре спие. Кога го завртеа, можеше да се види дека не се мачел долго време. Од изразот на лицето можеше да му се согледа речиси задоволство што така се случило со него.

(Од „На запад ништо ново“)