Владата на денешната 160-та редовна седница донесе одлука за давање согласност на „Програма за измени и дополнувања на Среднорочна програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за 2018-2020 година“.
Со предложените измени, информираат од владината прес-служба, се предвидува проширување на буџетот на планираните јавни повици за технолошки развој од Планот за економски раст, како и проширување на буџетот за финансирање на проекти во рамки на тековниот повик за комерцијализација на иновации. Со овие измени директно или индиректно се таргетирани помеѓу 170 – 200 компании (зависно од буџетите и конечната одлука на Комитетот за одобрување на ко-финансирање) од пристигнатите 487 апликации.
Вкупниот обем на планирани инвестиции кај овие компании, се наведува во соопштението, е нешто над 87 милиони евра, од кои 67 отсто или над 58 милиони евра се побарано учество на Фондот, додека 33 отсто или околу 29 милиони евра се сопствени средства кои апликантите планираат да ги вложат во домашната економија. Иницијално предвидениот буџет за овој јавен повик е пет милиони евра, со што аплицираниот износ се надминува за речиси 12 пати.