Националната гарда на САД денеска доби дозвола да распореди до 15.000 припадници во Вашингтон за време на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари, изјави генерал Даниел Хокансон.
Хокансон на прес конференција изјави дека околу 10.000 припадници на Националната гарда се очекува да бидат во Вашингтон до сабота и дека ќе се фокусираат на безбедноста, логистиката и комуникациите.
Во американскиот главен град донесоа и одлука за затворање на пристапот до Вашингтонскиот Обелиск до 24 јануари, повикувајќи се на закани по повод инаугурацијата на Џо Бајден.
Претставници од Службата за национални паркови велат дека групи вклучени во минатонеделните немири во американскиот Капитол продолжуваат да се „закануваат“ дека ќе ја попречат инаугурацијата на Бајден на 20 јануари.
Исто така, некои улици, паркинзи и тоалети во Националниот парк ќе бидат привремено затворени.
Во исто време и градоначалничката на Вашингтон повика да се избегнува посета на градот на денот на инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден поради можни немири.