Коалиција од 16 американски држави предводени од Калифорнија поднесоа тужба против прогласувањето национална вонредна состојба од страна на претседателот Доналд Трамп.

Главниот обвинител на Калифорнија, Хавиер Бесера вчера ја обвини администрацијата на Трамп дека не го почитува Уставот на САД.

– Претседателот  Трамп се однесува кон владеењето на законот со целосен презир, нагласи Бесера.

Главните обвинители на уште 15 американски држави се приклучија на тужбата – Вирџинија, Делвер, Илиноис, Колорадо, Конектикат, Мејн, Мериленд, Мичиген, Минесота, Невада, Њу Џерси, Њу Мексико, Њујорк, Орегон и Хаваи.

Трамп објави вонредна состојба за да го заобиколи Конгресот и да собере средства за изградба на ѕид на границата со Мексико со цел запирање на нелегална имиграција. Конгресот му обезбеди 1,4 милијарди долари за пограничниот ѕид, а вонредната состојба ќе му дозволи на Трамп да добие уште 6,7 милијарди долари.