Белград е град кој обично зборува гласно – во кафулиња, во трамвај, на пазар, на улица … Но не и за утрешните предвремени парламентарни избори.

Прашавме повеќе белграѓани, од такси возачи, млади, постари, пензионери и речиси сите слегнуваат со рамениците, кус поглед настрана и реченица што ништо не кажува. „Ќе видиме“, „не ме интересира“, „подобро да не зборувам.“ Луѓето не молчат затоа што немаат мислење, туку затоа што го чуваат за себе.
Околу државните институции има поставено метални барикади, а видливо е и присуство на полиција и специјални безбедносни сили.


На улиците нема голем број предизборни билборди и плакати, а оние што можат да се забележат претежно се со пораки и симболи на владејачката партија. Студентската листа во центарот на градот главно се рекламира со налепници по клупи, ѕидови, бандери…


Во култниот хотел „Москва“, до нас седат тројца дотерани господа. Новинарскиот инстинкт не тера да им го прислушуваме разговорот на првата реченица поврзана со изборите кога веќе никој отворено не ни одговара на обидот да направиме анкета. Едниот вели: „ќе има инциденти“, другиот му одговара „тоа сигурно“. Се вртиме кон нив, се претставуваме и ги прашуваме што мислат за изборите. Ни посакаа добредојде во Белград и учтиво ни одговорија дека не сакаат да зборуваат на темата.

Србите се во исчекување. Не е тоа немир, ниту возбуда, туку по малку од сè: надеж што никој не сака гласно да ја изрече, умор од претходни разочарувања и стравот да не се повтори истото. Се чека како пред бура: воздухот е мирен, но сите чувствуваат дека нешто доаѓа.
Во тој мир Белград дише нормално, со многу туристи во центарот на градот и вообичаена секојдневна атмосфера под октомвриското сонце.
А кога ќе дојде денот на гласањето, сè што денес се премолчува ќе добие глас.

Изборна кампања
Двете најсилни листи во Србија пред изборите на 25 октомври водеа кампањи што се разликуваат по сè: од каналите на комуникација, преку пораките, до парите. Владејачката Српска напредна странка (СНС) со листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ се потпре на големи митинзи, телевизија и платена онлајн реклама. Студентската листа „Студентите победуваат“ се потпре на директен контакт со граѓаните и на кратки видеа на социјалните мрежи.

Вучиќ, кој на 27 септември поднесе оставка како претседател за да ја води кампањата, ја почна со големиот собир во Белградската арена на 3 октомври, а на 16 октомври одржа митинг во Нови Сад, првиот таму од почетокот на протестите. Пораките на СНС се градат околу мирот и стабилноста, одбраната на државата, Косово и Република Српска, и на тврдењето за надворешно мешање. Најскапиот платен оглас на СНС на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ е спот во кој Вучиќ служи како келнер, со порака: „НАТО? Немаме, но имаме мир и стабилност“. За него СНС платила помеѓу 2.000 и 2.500 евра за над милион прикажувања, според РСЕ.
Телевизијата е главниот канал. Според ЦРТА, за 11 дена од распишувањето Вучиќ имал 17 директни гостувања. Според БИРОДИ, од 11 до 30 септември Вучиќ имал 78 отсто од времето посветено на политичките актери на пет телевизии, а заедно со СНС 90,5 отсто. Студентската листа имала 6,2 отсто, а на РТС 1 Вучиќ добил околу 35 пати повеќе време. „Гардијан“ наведува дека имал и 129 директни настапи во август. ЦРТА забележува дека Илија Срдановиќ, првиот на студентската листа, нема ниту едно директно гостување на телевизија со национална покриеност. ЦРТА укажува и на двојната улога на Вучиќ, кој истовремено настапува како државен функционер и како кандидат.

Студентите го почнаа собирот во Нови Сад на 10 септември. Според оценка на Архивот на јавни собири, на повикот издаден 24 часа порано се одзвале околу 6.000 луѓе. Нивната кампања се потпира на терен: акцијата „Од врата до врата“ (18 до 20 септември), штандови, „Студент во секое село“, велосипедска тура „Чувари на Уставот“ и програмски трибини, како онаа за младите во Крушевац на 11 октомври. Таму СНС поставила штандови со гласна музика покрај нив, па студентите ја преместиле трибината. „Гардијан“ опиша волонтери што во Крњача користат апликација што ги бележи посетените домови и нивото на поддршка. Најчеста поплака на граѓаните била корупцијата.
На терен се случиле и инциденти. „Време“ пишува дека кампањата поминува во „гола физичка“ димензија, со судири меѓу активисти на двете страни, а двете страни ги презентираат настаните различно.

Платените пораки на студентите се: „Заслужувате држава во која законот се почитува“ и „Кампањата на Студентската листа ја финансира народот“. Нивните огласи повикуваат на донации и на пријавување за контролори на изборите. Студентската листа со „Фејсбук“ и „Инстаграм“ платена кампања почна дури во почетокот на октомври.
Органскиот досег е на страната на студентите. Нивната заедничка страница на „Инстаграм“ има над 930.000 следбеници, а движењето води над 50 профили на факултети. Просечна студентска објава собира околу 18.000 лајкови, наспроти 3.600 кај Вучиќ. На „Фејсбук“, пак, Вучиќ и СНС имаат околу 450.000 следбеници, а двата најследени студентски профили околу 125.000. Збирно, објавите на СНС добиваат само околу 1,5 пати повеќе реакции, иако имаат речиси четири пати повеќе следбеници. Студентите се најактивни на „Инстаграм“, „Тик-ток“ и Икс, со кратки и духовити видеа. Според аналитичарот Обрадовиќ (021. рс), тие се „кратки, емотивни слики“, а кампањата е деперсонализирана, без јасен лидер.

Студентите посегнаа и по традиционални канали. На почетокот на октомври првпат пуштија реклама на РТС: во неа се краде сарма од чинија, се кине календар од 2012 до 2026, и на крај се спречува кражба на гласачко ливче. Користат и билборди со слоганот „Ние знаеме како“, во кој кирилична буква З го претставува бројот три. „Време“ објави дека билбордите во повеќе градови биле исцртани со навреди, а оние во Велика Плана биле целосно уништени.




