– Формирањето на македонската национална држава би можело да се реализира единствено со обединување на сите Македонци кои живеат во Југославија, во Грција и во Бугарија, во една единица, која би била дел од југословенската федерација!
Пишува: Блаже Миневски
Секој што ќе го прочита насловот веројатно ќе се збуни, прашувајќи се секако за кои македонски лидери станува збор во текстот. И затоа, за да нема забуни, веднаш да кажеме дека станува збор за цитат од извештај на американски разузнавач од теренот, кој на 8 јули 1944 година го информирал Вашингтон за состојбите во Македонија! Според историчарот д-р Тодор Чепреганов, долгогодишен директор на Институтот за национална историја во Скопје, а сега редовен професор на Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, македонската историографија речиси воопшто го нема разгледувано прашањето за ангажманот на САД во Македонија, а тоа се должи, пред се, на фактот што се уште македонската историографија не започнала со истражувања во американските архиви, каде што се наоѓа целокупната архивска документација за американските воени мисии во Македонија, како и за други историски настани и пројави.
Пред Втората светска војна, Владата на САД традиционално им го препуштала разузнавањето на главните вршители на американската политика, на Министерството за надворешни работи и на оружените служби. Американските аташеа и дипломати биле оние што го собирале најголемиот дел од разузнавачките податоци, најчесто преку бизнис-контактите и одвреме-навреме на тајните состаноци со информантите во земјите каде што престојувале.
„Македонија може да ја оправда својата автономија врз етнички принцип!“
„Подоцна, со потпишувањето на Законот 9182 на 13 јуни 1942 година, претседателот Рузвелт ја формирал Канцеларијата за стратегиски служби (ОСС), и на тој начин ја вовлекол Америка во матните води на меѓународната шпионажа. Во текот на 1942 година, ОСС формирала Таен разузнавачки оддел (СИ) а до крајот на војната Одделот успеал да се разграни со свои операции и воени мисии во Европа, Азија и на Средниот Исток.
За новата разузнавачка служба биле регрутирани Американци кои почесто патувале надвор од САД или кои работеле на меѓународни план.
Во тој период, таквите луѓе секогаш го претставувале „најдоброто и најсветлото“ од универзитетите на Источниот брег, од фирмите за бизнис и од адвокатските канцеларии. Набрзо потоа бил формиран Истражувачки и аналитички оддел а на чело на Одделот се наоѓал историчарот од Харвардскиот универзитет Вилијам Лангер. Одделот успеал да собере околу 900 интелектуалци. Агенцијата во тој момент имала буџет од 10.000.000 долари и 600 службеници.
Сепак, Стејт департментот и армиските служби успеале да издејствуваат претседателска изјава со која, во суштина, им се забранувало на ОСС, и на некои други агенции, да учествуваат во декодирањето на најтајните воени разузнавачки пораки, како и на фатените пораки од силите на Оската. Како резултат на ваквата состојба, ОСС немала пристап до фатените јапонски пораки под кодираното име МАГИЦ, а и бил дозволен пристап до одредени германски пораки фатени од сојузниците под кодираното име УЛТРА.
Со други одлуки полето на дејствување на ОСС, исто така, било ограничено. На крајот, на ОСС и останало единствено да го развие својот контраразузнавачки апарат во лицето на Одделот Џ-2, одреден за активности надвор од САД, со забрана да дејствува во Западната хемисфера, покриена со активноста на ФБИ и на Канцеларијата на Нелсон Рокфелер, како дел од Канцеларијата на координаторот за внатрешно-американски работи“, вели д-р Чепреганов, кој истражувајќи во архвите на ОСС во САД обезбеди голем број документи поврзани со американските разузнавачки активности во Македонија.
Според него, по пристигнувањето во Европа, американските разузнавачи имале потреба од информации, обука и искуство, нешто што Британците веќе го имале и можеле да им го пренесат на своите американски колеги. Меѓутоа, и покрај заедничката желба за соработка, требало да помине повеќе време за да се изгради меѓусебната доверба. Меѓу нив доаѓало и до конфликтни ситуации. На американската дипломатија особено туѓ и бил британскиот империјализам, поради што некои офицери на ОСС, одвреме-навреме, се спротивставувале на обидите на Британците за проширување на Британската Империја.
Во текот на 1942 година заедничкиот Англо-американски штаб решил дека Американците треба да им се придружат на Британците при организирањето „саботажи“. Специјалниот операциски оддел служел како американски партнер на СОЕ. Меѓусебните врски станувале се поблиски бидејќи и двете служби, ОСС и СОЕ, но и други, се бореле за истата цел, а тоа ги принудувало агентите и главните штабови да ги решаваат меѓусебните разлики.
Кон крајот на 1944 година, ОСС имала 13 000 вработени, а околу 7 500 работеле надвор од САД! До крајот на 1945 година од страна на ОСС биле потрошени 43 000 000 милиони долари. Вкупните трошоци за време на четиригодишната војна биле околу 135 000 000 долари или во денешна вредност околу 1 100 000 000 долари. Во овие трошоци секако влегуваат и оние расходи направени од разузнавачите во Македонија.
Во една од анализите на ОСС од 8 јули 1944 година, на пример, стои дека „Македонија би можела да ја оправда нејзината автономија врз основа на етничкиот принцип. Исто така, оваа автономија е императив, бидејќи мнозинството од Македонците не се сметаат себеси за „Јужни Срби“, целосно вештачки термин…
Сите „федералисти“ во владата и во „армијата“ на Дража Михајловиќ се согласуваат дека Југославија треба да ја задржи династијата Караѓорѓевиќ. Сите тие им ги оспоруваат правата на Македонците да формираат автономна држава во рамките на Југославија… Партизаните се наполно свесни за фактот дека федерализмот и династијата Караѓорѓевиќ се неспоиви… сепак изгледа дека се уште не постои целосен договор за тоа колку автономни држави ќе се формираат. Лавровиот венец, што го опкружува новиот партизански печат, кој се употребува и на нивните пасоши, поделен е на пет дела, означувајќи ги петте националности: Срби, Црногорци, Словенци, Хрвати и Македонци. Накусо, прашањето за државната поделба во федерални единици се уште не е усогласено. Регионалните антифашистички собранија на народното ослободување на Југославија, а досега се формирани во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Санџак и во Македонија, претставуваат нуклеус за формирање влади на тие држави. Меѓутоа, тие не ја прејудицираат повоената поделба на државата“.
„Не е исклучено и Албанија да влезе во рамки на планот за федерација!“
Во истиот американски разузнавачки документ пишува дека „Македонија, дефинитивно не припаѓа кон српската единица. Етнички, национално, општествено, психолошки и историски Македонците се разликуваат од Србите. Тие лингвистички повеќе се разликуваат од Србите отколку што се разликуваат Србите од Хрватите…“ Документот на американскиот разузнавач во Македонија породолжува со тоа дека „македонската независност се оправдува со фактот дека Македонците се разликуваат од сите соседни народи – не се ниту Албанци, ниту Грци, ниту Бугари, ниту Срби, – и дека имаат организарано силно движење за автономија во рамките на јужнословенска федерација. Формирањето на македонската национална држава би можело да се реализира единствено со обединување на сите Македонци, кои живеат во Југославија, во Грција и во Бугарија, во една единица, која би била дел од југословенската федерација.
Македонската територија и македонскиот народ се, како што истакнува Сретен Жујовиќ-Црни, министер во владата на Тито, важен дел на Народноослободителното движење на Југославија. Во ниту еден партизански документ не се споменува Бугарија како конститутивен дел од југословенската федерација.
Можностите за формирање на творба на јужнословенско-грчка федерација никогаш не била спомената од партизанските власти. Југословенско-албанската федерација, воглавно, никогаш не била разгледувана. Ниту едно силно албанско движење не ја поддржува југословенско-албанската федерација. Сегашните извештаи покажуваат унапредување на односите. Сигурно дека не е исклучено идната албанска држава да влезе во рамките на плановите за федерација. Особено стратегиската позиција на Албанија би ја направило соработката со Албанија многу корисна“, пишува во амерканскиот разузнавачки документ од јули 1944 година.
Шеесет дена подоцна, мајорот Дикинсон известива дека „генерал Апостолски и генерал Темпо, претставувајќи го Тито, се вратиле од Софија, истакнувајќи дека во говорот, одржан по враќањето генерал Апостолски рекол дека „ние, Македонците, не живееме за ништо друго освен да ја видиме слободна Македонија, обединета во рамките на нејзините историски граници…!“
Извештај на разузнавач на ОСС, 5 декември 1944:
„Народот сака сопствена влада, одделна од која било друга држава!“
„Македонскиот народ со векови бил уназадуван од другите држави кои го владееле и сето тоа го успорило неговиот прогрес. Тие имаат многу малку индустрија. Исто така, им недостигаат и училишта од повисок степен. Ако некој сака да студира медицина, право или инжинерство, мора да замине во друга држава на студии… Лидерите на Македонија се свртени кон иднината и се надеваат дека ќе формираат обединета Македонија, која би се состоела од она што некогаш се викало јужна Србија, грчка Македонија и бугарска Македонија. Тоа би им дало ним, како што тие велат, вистинска држава или македонска држава. Како и на целата партизанска територија и овде народот гледа кон Русија како водилка. Тие им се восхитуваат на Соединетите Американски Држави и на Англија, особено се чини дека се заинтересирани за Соединетите Американски Држави поради големиот број нивни луѓе што живеат таму.
Народот на Македонија е особено против секоја влада што би и дала на Србија контрола над нив… Народот како целина сака сопствена влада, одделна од која било друга држава. Тие имаат добра причина за тоа, бидејќи нивната земја практично нема направено никаков прогрес и тие живеат, во поголем дел, како што живееле нивните предци години пред нив. Тие имаат пред себе долг пат како би го постигнале посакуваниот стандард на живеење, искористување на нивните природни ресури и образование на нивниот народ.“
Извештај на разузнавач на ОСС, 14 јануари 1945:
„Луѓето што се погодени со мобилизацијата бегаат во шумите наместо да и се придружуваат на Армијата!“
„Присутно е големо незадоволство во врска со Вториот младински конгрес, кој се одржа во Скопје на 5 јануари. Резултатите од Конгресот не се објавени во локалниот печат. Сојузничките офицери, кои претходно беа поканети на Конгресот, не присуствуваа поради тоа што партизаните ја промениле датата, без да ги известат членовите на мисиите. Подоцна власта за тоа се извини.Временскиот период за општа мобилизација во Македонија продолжи, бидејќи партизаните се среќаваат со проблеми, со цел да ја обезбедат регрутната квота. Коментарот на изворот е дека повеќето од луѓето што се погодени со мобилизацијата бегаат во шумите наместо да и се придружуваат на Армијата.“
Извештај на разузнавач на ОСС за македонско-српската граница, 1 февруари 1945:
„Границата е под контрола на ОЗНА!“
„Границата меѓу Србија и Македонија е под контрола на ОЗНА, но многу лесно може да се помине илегално. Во областа се наоѓаат милициски сили, кои на левиот ракав носат ознака ОМ. Нивната поврзаност со ОЗНА е непозната.“
Извештај на разузнавач на ОСС, 2 февруари 1945:
„Руската дипломатгија наскоро ќе пристигне во Скопје!“
„Се зборува дека руска дипломатска мисија наскоро ќе пристигне во Скопје. Сите руски емигранти – југословенски поданици кои се наоѓаат во Македонија се лишени од југословенската националност и очекуваат наскоро да бидат принудени да се вратат во Русија. Италијанските воени затвореници во Скопје и се предадени на албанската влада за да бидат употребени како работна рака.“
Извештај на разузнавач на ОСС, 5 март 1945:
„Постои огромно сомневање во американските и во британските лица!“
„Ситуацијата во Македонија е многу нездрава. Постои огромно сомневање во американските и во британските лица. Цивилите се повикуваат од Тајната полиција, ако зборувале со такви лица.“
Запис на Смилан Гриовски, шпион на ЦИА:
Агенти на од Вашингтон му помогнале да дојде во Америка, да направи бизнис и да се запознае со Реган и Буш!
Веднаш по Втората светска војна, ЦИА, која произлезе од Уредот за стратешки услуги, скратено ОСС, формирана за да ги координира шпионските активности за Американската војска, врбувала Македонци пребегани во Грција за да ја шпионираат Македонија, односно Југославија! Соработниците добивале инструкциите за организирање групи во Македонија кои ќе го подготвуваат народот за борба против комунизмот. Малешевецот Смилан Гриовски, како водач на разузнавачка група, неколкупати бил уфрлен во Македонија со огромна сума пари што ја делел меѓу противниците на власта. Според неговите сопствени записи, направени во САД, каде што бил префрлен во завршувањето на „разузнавачкиот ангажман на Балканот“, Смилан Гриовски е првиот Македонец кој јавно признал дека работел за ЦИА до крајот на 1952 година, кога Американците констатирале дека засекогаш ја анулирале идејата за создавање обединета, голема Македонија.
„Во Атина, во една вила оддалечена 17 километри од градот, која се викаше „Ктима Кондис“, учевме како се читаат карти, компаси, а потоа и разни цртежи на месности, фабрики, линии, патишта… На 9 јули 1950 година добивме наредба да се подготвиме, да си го провериме оружјето и го товаривме багажот во еден камион. Ние одевме пеш. По два дена стигнавме во Кавала. Отседнавме во просториите на грчката седма дивизија, каде што не пречека еден Американец во цивилна облека кој одлично зборуваше наш јазик. Се претстави како мистер Питерс. На 16 јули со американски камион бевме префрлени од Кавала до селото Света Параскева во близина на Дојранското езеро. Кога падна мракот ја поминале границата, симнувајќи се кон селото Куклиш. По три дена поминати на терен, групата се врати во Грција, а кај селото Муриес по нас дојде американски камион кој не префрли до Кавала, во истата куќа, која, всушност беше штаб на ЦИА. Во јуни 1951 година, агентите Питерс и Макарти ме задолжија да проверам што се случува на границата меѓу Македонија и Бугарија, особено за тоа каква војска е стационирана во петричко, бидејќи тие имаат информации дека Бугарите довеле многу војска на границата а се уште не се знае која е нивната намера“, запишал во спомените агентот на ЦИА од Будинарци, кој дури во 1956 година успеал да се преселил во Америка, каде што, се разбира, не ја прекинал соработката со ЦИА, односно преку нив неговата фирма добивала понуди за работа. а преку истите врски лично се запознал и со Роналд Реган и Џорџ Буш. Агентот Смилан Гриовски, или Џон Гриоф почина во Америка во февруари 1996 година, а по смртта, на негово барање, посмртните останки биле пренесени во Македонија и погребот бил извршен на селските гробишта во Будинарци, беровско.