Трошок од речиси педесет евра по човек за комплетна промена на личните документи. Едно четиричлено семејство ќе треба да одвои безмалку двесте евра за нови документи.
Месеците се ситнат, уште половина година останува до рокот за промена. Уште толку простор за оние кои сѐ уште имаат лична карта, пасош или возачка дозвола со старото име на државата.
Доплнителен удар за домашниот буџет е тоа што од март е поскапа цената на чинење за сите документи. Па така, пасош за лицата над 27 години сега чини две илјади денари, 500 денари повеќе од претходно. Личната карта е поскапена за 120 денари и ќе чини 320, а возачката дозвола чини 410 денари.
12 февруари 2024 година е последниот датум до кога ќе важат старите документи. Потоа, ниту во институции, ниту на граница, ниту пред полиција – нема да бидат валидни истите. Документите поскапеа во март, а тогаш од МВР вака ја појаснија својата одлука.
„Промената на цените се прави поради зголемените набавни цени на увезени обрасци, зголемени трошоци за одржување на системот, како и набавка на нови машини, велат од МВР.“
Метежот во пунктовите веќе започнува. Луѓе кои се јавија во нашата редакција, се пожалија на лоша организирасност и доделување три различни термини за промена на документите, за еден ист човек.
Во дел од пунктовите веќе снемува термини, па дел од оние кои се јавиле денес, ќе чекаат по два или три месеци додека да дојдат на ред.