Германското претседателство со Европската унија се надева дека С. Македонија и Бугарија ќе пронајдат заеднички јазик за нивниот спор и оти во тој процес ќе бидат земени предвид барањата на двете страни, порача денеска германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, на заедничката прес-конференција со неговите колеги од Скопје и Софија, Бујар Османи и Екатерина Захариева.
Мас по состанокот на министрите за надворешни работи од Берлинскиот процес за Западен Балкан, во рамки на копретседавањето со процесот од страна на Македонија и Бугарија, одговорајќи на новинарско прашање во врска со спорот меѓу двете земји, но и прашан како гледа на тоа дека наместо недоразбирањата да се решаваат во македонско-бугарската мешовита комисија, се прави обид за решавање преку европски дипломатски претставници, рече дека тие како германско претседателство со ЕУ, разговараат и со македонската страна, но и со Бугарија како земја-членка. Нагласи дека во тие разговори се земаат предвид забелешките на двете страни. Но потенцира дека станува збор за билатерално прашање и оти решението мора да го најдат засегнатите земји.
-Во смисла на продолжување на процесот за интегрирање на С. Македонија и Албанија во ЕУ морам да забележам дека кандидатот не треба да има нерешени прашања од каков било вид, било да се политички прашања или некакви историски настани во регионот. Таа земја ќе мора да разговара со земјата-членка со која има проблем и ќе мора да најдат решение. Формирањето на Мешовитата македонско-бугарска комисија на историчари имаше задача да го реши тоа и се надевам дека ќе биде најдено решение на ова билатерално прашања, бидејќи колку подолго овие проблеми опстојуваат ќе биде тешко да се организира процесот на проширување и Меѓувладината конференција, нагласи Маас.
Германскиот министер не даде конкретен одговор на прашањето дали со овие нови случувања на релација Скопје-Софија, со кои всушност се оневозможува непреченото интегрирање на Македонија во ЕУ, доколку не одговори на бугарските барања да признае дека корените на македонската нација и јазикот се бугарски се менуваат фудамените на ЕУ. Не одговори ниту дали со овие нови процеси се отвора и процес на ревидирање на европските вредности во однос на човековите слободи и права, разноликоста и толеранцијата, но напомена дека во Советот на ЕУ напорно работат за да се овозможи следниот чекор на проширувањето.
-Работиме многу напорно во Советот за да го овозможиме следниот чекор во проширувањето да биде реализиран наскоро. И сето ова функционира согласно начелата на ЕУ. Унијата има 27 земји-членки, а една од нив е Бугарија. И затоа треба да има разбирање со Бугарија. Интересот на Бугарија мора да се земе предвид, за жал таков е случајот, кога една земја се приклучува кон ЕУ преговарачката рамка за неа треба да биде одобрена од сите земји-членки, рече Мас.
Изрази надеж дека ќе се најде решение за билатералните проблеми кои постојат меѓу Бугарија и Северна Македонија, но додаде дека овие прашања можат да бидат решени само од страна на двете земји.
-Ова е еден предуслов за одржување на Меѓувладината конференција и ќе продлжиме напорно да работите, согласно барањата на двете страни да дадеме придонес во тоа. Ние го правиме тоа во рамки на ЕУ, во рамки на нашето претседателство, но не можеме да носиме одлуки кои се однесуваат на билатерални прашања и во овој случај зависиме од она она што ќе го договорат Бугарија и С. Македонија, додаде Маас.