Претседателот Ѓорѓе Иванов на сите христијански верници и на поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, им го честита големиот празник, Успение на Пресвета Богородица.
– Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архиjерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.
Овој празник е симбол на верата, спасението и мајчинската љубов, истакнува Иванов.
-На овој голем христијански празник го славиме вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта. Нејзиниот животен пат, нејзината посветеност кон Бога и љубовта кон луѓето, ни говорат за нејзината големина и улога во христијанството. Празнувајќи ги животот, љубовта и посветеноста на Мајката Божја кон своето чедо се потсетуваме на основните христијански вредности кои биле наша водилка низ вековите.
На овој ден да се присетиме на милоста и мајчинската љубов на Мајката Божја и да се помолиме за меѓусебна љубов, почит и разбирање.
Нека е света, вечна и почитувана Мајка Богородица, се наведува во честитката на претседателот Иванов.