Што содржи „конкретниот предлог“ со кој македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев дошла на средбата со привремениот бугарски премиер Стефан Јанев? Информацијата дека на масата е доставен конкретен предлог, вчера ја објави бугарскиот премиер, објавува ДојчеВеле.

„Делегацијата на Заев дојде со конкретен предлог, кој ќе го разгледаме сеопфатно и професионално во наредните денови. Сега ни е приоритет да создадеме атмосфера на доверба, пријателство и на дијалог, што ќе им помогне на нашите експерти и политичари да дојдат до решение“, порача Јанев по вчерашната средба.

Додека во македонската јавност не се споделени никакви детали за предлогот, во бугарски медиуми веќе се објабуваат поединости. Под наслов „Компромисот на Заев: Говориме на ист јазик, но меѓународно признат како два различни“, весникот „24 часа“ повикувајќи се на владини извори открива дека тоа била еден од петте предлози со кои Зоран Заев дошол на средбата со бугарскиот технички премиер Стефан Јанев.

„Според извори на „24 часа“ од бугарската влада, гостинот предложил пет варијанти за компромис, кои треба да влезат во политичката декларација. Меѓу нив имало и формулација за јазичниот спор, која гласела дека Бугарите и Македонците говорат истовремено на ист јазик, но и на различни, кои се светски признати одделно. Се предвидувала и декларација дека двата народа се братски“, објави „24 часа“, пренесувајќи го и одговорот на премиерот на Јанев дека „ќе започне интензивна дискусија за предлозите уште денес“.

Весникот „Труд“, пак, кој пишува дека македонскиот премиер пристигнал во Софија со предлог за нова патна карта, објави за наводно условено ветување на македонскиот премиер.

„На неговата средба со техничкиот премиер Стефан Јанев, Заев ветил дека ако на средбата во Брисел на 22 јуни го поддржиме почетокот на преговорите со РСМ, потоа тие ќе ги направат неопходните компромиси за спорните историски теми. Заев истакна дека очекува нов поттик во работата на заедничката историска комисија. Вториот предлог, кој премиерот на РС Македонија го ставил на преговарачката маса, било забрзување на железничкиот проект Гуешево-Скопје“, објави „Труд“.

„Прашањето е како и дали може да се промени работата во заедничката комисија со РС Македонија“, изјави за БНТ бугарскиот копретседавач со комисијата, Ангел Димитров.

„Вчера станало збор најверојатно, но комисијата едвај ли била во центарот на вниманието, од причина што таму нема напредок, нема што да се промени. По желба на нашите колеги, нашата следна средба ќе биде дури во октомври. Во Договорот за добрососедството скоро ништо не е исполнето, така што претпоставувам дека Скопје ќе направи напори за да покаже желба за постигнување некаков напредок во други области – инфраструктура и.т.н. По сите клаузули во договорот застојот е неверојатен. Односот кон бугарската историја и тоа што во РСМ го сметаат за нивна историја, е најболната точка во односите, бидејќи тоа формира менталитет и култура кои се одразуваат во сите сфери на животот. Не гледам како ќе се случи неопходната катарза за историската наука и целото општество, ако нема политичка одговорност за тоа, но и одговорност на науката“, изјави Димитров.