Според статистика за изминативе два месеци, 28.856, граѓани, односно 76 отсто од позитивните на ковид 19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 81 отсто, додека само 19 проценти од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, објави Министерството за здравство. Анализата го опфаќа периодот од 6 август заклучно со 7 октомври. Во тој период во земјава регистрирани се 38.019 граѓани позитивни на ковид 19, од нив 24 отсто биле целосно вакцинирани, односно 9.163 лица.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6.08 до 7.10.2021 на територија на државата починале 1277 пациенти со ковид 19, 1070 пациенти од починатите, односно 84 проценти не биле вакцинирани, а 16 отсто, односно 207 примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.
Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат.

Министерството објави дека во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 2.798 дози вакцини, од кои 745 се аплицирани како прва доза, 1.999 се ревакцинирани, а 54 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 7 октомври вкупно се вакцинирани 793.987 граѓани, ревакцинирани се 745.415, а трета доза примиле 625 граѓани. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина.