Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за хрватскиот весник „Вечерњи лист”, запрашан дали дал поддршка или пак бил против договорот со Грција кој го потпиша Владата на Зоран Заев и со кој се промени името на државата, рече дека имал огромни забелешки во врска со носењето на тој договор и не го поддржал, бидејќи од денешна перспектива таа реалност која ја донесе Зоран Заев не ѝ донесе подобри времиња на Република Македонија.
Мицкоски рече народот и понатаму тешко живее, дека не сме поместени ниту еден милиметар на патот кон ЕУ, здравството не е целосно бесплатно, нема модерно образование и дека немаме реална борба со криминалот и корупцијата, нешто за кое Заев ветувал дека ќе се случи.
Мицкоски ја коментираше и блокадата на соседна Бугарија за почеток на преговори со Европската унија.
„Овој спор е новосоздаден и е исклучиво последица на тоа што Заев ветуваше премногу на Бугарија, иако знаејќи дека тоа е штетно за Македонија и не е во состојба да го испорача. И во тој контекст немаме право да се бунтуваме против Бугарија, бидејќи природно е тие да ги штитат своите интереси, но она што навистина боли е што нашата држава ја водат луѓе кои се подготвени да прифатат се, да се пазарат со се. Не е во прашање на недостиг на разбирање од двете страни, туку недостиг на мудрост од македонската влада. Премиерот кога ги произведува тие ветувања кон Софија не се води од потребата за заштита на државните интереси, туку од потребата да си ја обезбеди фотелјата ден повеќе. Токму затоа се служи со измами кон соседите, но најважно таквите измами се кон сопствениот народ. Нашите црвени линии се составени во резолуцијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе а со консензус беше изгласана во собранието а која ја содржи потребата за почитување на нашата посебност и јазичен идентитет“, рече Мицкоски.
Запрашан дали го поддржува членството на Република Македонија во НАТО, Мицкоски посочи апсолутно да и дека не може да биде против, бидејќи најкрупните реформи за членство во НАТО се правени токму од владите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во интервјуто, Мицкоски исто така го истакнува и следното:
Прашање: Поради победата на Данела Арсовска на изборите за градоначалник на Скопје, која ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ, премиерот на Македонија, Зоран Заев си поднесе оставка. Дали сте среќни заради тоа?
Одговор: Оставката доаѓа поради победата на Данела Арсовска во Скопје, но и поради победата во останатите 42 општини каде ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата оствари сигурни и убедливи победи, со што разликата која беше во полза на ВМРО-ДПМНЕ практично ја делегитимираше владата на Зоран Заев. Власта загуби во сите поголеми градови низ целата република. На некој начин, пред се и поради однесувањето и влогот кој го стави самиот Зоран Заев кој изјави дека ако загуби на изборите, тогаш си оди од политиката, овие избори се доживееа како еден вид на референдум против актуелната влада, при што резултатите покажаа убедлив пораз на Заев и победа на ВМРО-ДПМНЕ.
Прашање: Оставката на Зоран Заев сеуште не е изгласана во Парламентот, па затоа најавивте дека ќе поднесете интерпелација за гласање на недоверба на владата, ако премиерот не го исполни своето ветување.
Одговор: Зоран Заев е познат по тоа што не си држи до зборот и не ги исполнува ветувањата. Тој по прогласувањето на резултатите од изборите самиот посочи дека ќе се повлече и од неговата СДСМ и од Владата поради изборниот дебакл. Од тогаш до сега, втора недела Заев остана само на таквото ветување, но во реалноста таа оставка не ја реализира. Многу е реално за очекување тој и ова свое ветување да не си го исполни, и затоа ние поведовме иницијатива во собранието со мнозински 61 потпис да гласаме недоверба на неговата влада. Во меѓувреме, би рекол својствена за Заев започнаа притисоците врз пратениците, понуди со пари и слични полу информации со цел да не се гласа за доверба на владата. Како ќе заврши таквата ситуација оставам да покаже времето, но овде не е прашањето дали, туку кога ќе падне владата на Заев која целосно го има загубено легитимитетот од народот и граѓаните.
Прашање: Што ќе се случи ако новото парламентарно мнозинство, кое е составено од партии со целосно различни гледишта во стратешките прашања, да изгласа недоверба на владата, а не успее да формира нова влада?
Одговор: Ние се обединивме на иницијативата со јасна цел да ја срушиме актуелната влада, и точно е дека имаме и разлики меѓу нас, но тие се помали од она што е заедничка цел промени во централната власт и реформи во државата. ВМРО-ДПМНЕ нема дилеми за стратешките приоритети на земјата, особено за економското консолидирање, членството во ЕУ, интегрирањето на регионот. И тоа не треба да се злоупотребува од власта, или да се плаши народот дека тие цели се загрозени, затоа што секој пат кога ќе речат дека стратешките цели се доведени во прашање, треба да знаете дека единствено така ги штитат своите лични кариери и бегаат од одговорност за криминалот кој се прави.
Прашање: Доколку се потврди ново мнозинство, претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски го доделува мандатот на оној кој има мнозинство, а потоа мандатарот во рок од 20 дена треба да достави до Собранието предлог на нова влада. Ако тоа не успее мора да се оди на предвремени парламентарни избори? Што е по веројатно – да формирате нова влада или да има нови предвремени парламентарни избори?
Одговор: Не би навлегувал во детали. Чекор по чекор. Прво да ја срушиме оваа власт, црпејќи го легитимитетот за ова пред се од резултатите добиени на последните избори. Јас јавно реков дека ќе се обидеме да формираме влада, но доколку таквата влада не ја гарантира стабилноста потребна за реализација на реформите кои се очекуваат од нас и мораме да ги спроведеме, тогаш брзите предвремени избори се најдобрата опција.
Прашање: Ги повикавте и пратениците од другите партии кои се во коалиција со СДСМ да бидат дел од новото мнозинство, кои покрај ВМРО-ДПМНЕ се и партијата Левица и три албански политички партии, Алијанса за албанците, Алтернатива и движењето Беса. Таа нова коалиција брои 61 од 120 пратеници во Собранието. Ќе може ли ваквата коалиција да функционира?
Одговор: Многумина пред изборите велеа дека е невозможно да се обедини опозицијата во борбата против власта, но самите избори покажаа дека таквото обединување е возможно. Јас сум оптимист доколку се согласиме околу стратешките правци на понатамошното движење на државата, одговорот е секако дека да, и во тој блок е добредојден секој кој ќе ги негува и почитува тие принципи.
Прашање: Новата иднина доаѓа, ново време и нова надеж. Не чекаат силни предизвици, свесни и благодарни за поддршката заедно ќе успееме. Македонија ќе успее. Имаме ново парламентарно мнозинство, напишавте на фејсбук и објавивте заедничка фотографија на која сте со лидерот на Левица, Димитар Апасиев, генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и генералниот секретар на Алијанса за албанците Арбен Таравари. На што мислевте за тоа што го напишавте?
Одговор: Во Македонија постои огромна апатија, пред се поради разочарувањата и изневерените очекувања кои ги донесе актуелната влада. Она што и е потребно на државата се промени кои ќе донесат светло во тунелот и ќе дадат надеж на граѓаните дека може да се менуваат работите и да одиме напред. Проблемите помеѓу сите граѓани од различни припадности кои живеат во Македонија се исти, а маката е заедничка. На народот му е преку глава од поделби, конфликти. Подеднакво се иселуваат младите од државата затоа што не гледаат перспектива без оглед каде живеат во државата и од каква вера или нација се. Затоа потребно е да се обединиме околу заедничкиот напредок и да го стопираме слободниот пад кое го имаме како општество. Тој блок на промени сум убеден дека ќе расте и ќе се продолжи. Зошто ако народот е обединет околу овие заеднички цели, да не бидеме и ние како политичари чиј легитимитет го црпиме и од народот. Доаѓаат подобри времиња за Македонија.
Прашање: Владата на Зоран Заев го реши спорот со Грција во врска со името на државата. Дали вие дадовте поддршка на тој договор или бевте против за промената на името на државата во Северна Македонија?
Одговор: Ние имавме огромни забелешки на договорот и не го поддржавме неговото носење, и од денешна перспектива реалноста која ја донесе Зоран Заев со тој договор не и донесе подобри времиња на Македонија. Народот и понатаму тешко живее, не сме мрднати ниту милиметар на патот кон ЕУ, здравството не е целосно бесплатно, немаме модерно образование, немаме реална борба против криминалот и корупцијата нешто што го ветуваше Заев дека ќе се случи.
Прашање: Кој е вашиот став во врска со влезот на Македонија во Европската унија? Патот кон ЕУ сега го блокира Бугарија. Може ли овој спор да се реши или ќе се одоговлекува исто како и со спорот со Грција?
Одговор: Овој спор е новосоздаден и е исклучиво последица на тоа што Заев ветуваше премногу на Бугарија,иако знаејќи дека тоа е штетно за Македонија и не е во состојба да го испорача. И во тој контекст немаме право да се бунтуваме против Бугарија, бидејќи природно е тие да ги штитат своите интереси, но она што навистина боли е што нашата држава ја водат луѓе кои се подготвени да прифатат се, да се пазарат со се. Не е во прашање на недостиг на разбирање од двете страни, туку недостиг на мудрост од македонската влада. Премиерот кога ги произведува тие ветувања кон Софија не се води од потребата за заштита на државните интереси, туку од потребата да си ја обезбеди фотелјата ден повеќе. Токму затоа се служи со измами кон соседите, но најважно таквите измами се кон сопствениот народ. Нашите црвени линии се составени во резолуцијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе а со консензус беше изгласана во собранието а која ја содржи потребата за почитување на нашата посебност и јазичен идентитет.
Прашање: Дали го поддржувате членството на Македонија во НАТО?
Одговор: Секако дека да. И не можеме да бидеме против особено што најкрупните реформи за членство во НАТО беа направени од владите на ВМРО-ДПМНЕ.
Прашање: За ВМРО-ДПМНЕ се зборува дека е про-Орбанова партија. Дали вас како политичар ви се по прифатливи ставовите на Орбан или Брисел?
Одговор: ВМРО-ДПМНЕ е единствено партија на народот, со длабоки историски корени од борбата за независност и со високо почитување на слободарските идеи и принципи на републиката. Што се однесува до прашањето премиерот Орбан или Брисел, јас така не би ги делел работите затоа што Орбан е исто така дел од Брисел и од истата Европска Унија каде активен чинител е нашата сестринска партија ФИДЕШ.
Прашање: Бевте против промената на името на Македонија и го обвинивте Заев за предавство, заради промената на името во Северна Македонија. Дали тогаш знаевте дека промената на името нема да биде билет за влез во ЕУ?
Одговор: Имено поентата на вашето прашање беше и наша поента во моментот кога се одлучуваше за ова прашање. Затоа што членството во ЕУ подразбира исполнување на критериуми и завршување на домашната задача. Никој нема да ве прими во ЕУ ако имате стапка на криминал највисока во ЕУ како што имаме, или пак имате бирократија и процедури кои го блокираат работењето на системот. На ЕУ не и требаат нови проблеми за решавање, затоа што имаат доста и од нивните за решавање. Јас велам да ја завршиме домашната работа, тогаш ќе бидеме и посакуван партнер на ЕУ.
Прашање: Општеството во Македонија е поделено, се плашите ли дека ќе ви се случи црногорското сценарио?
Одговор: Поделеноста е еден од реалните проблеми. И таквите разлики се произведуваат од политичките елити на власта, кои во тоа гледаат начин да владеат со земјата и да го заштитат неказнетиот криминал. Се водат од максимата, разделиј па владеј, преку ширење на стравови и невистини за полесно да им врват криминалните тендери, за да државава се клекне на колена економски и енергетски. Луѓето во секојдневниот живот се пообединети од било кога, затоа што споделуваат исти проблеми. Солзите на мајката Македонка, се исти со онаа на мајката Албанка која се двои од своето чедо кое ја напушта државата во потрага по подобар живот. Затоа повикувам на рушење на бариерите, на надминување на вештачките поделби и обединување околу заедничкиот напредок и новата иднина која мора да се случи и само заеднички ќе ја донесеме.
Прашање: Во европските кругови секогаш вас ве обвиниуваа дека како партија се под влијание на Русија, колку е точно сето ова?
Одговор: На ова гледам и како на извесна шега. ВМРО-ДПМНЕ во својот супстрат и историска генеза е прозападна партија. А историската организација ВМРО при нејзиното создавање далечната 1893 година за свој основен фундамент го има создавањето на слободна Република, во времиња кога актуелно во регионот се монархии и кралства. Што се однесува до мене лично, своето образование и мојот работен век меѓу другото го имам поминато низ западните универзитети во Германија и Италија. Така да таа теза за некакви происточни врски е вештачки фабрикувана за да се внесе сомнеж и да се прикрие неработата на актуелната влада.
Прашање: Доколку успеете да составите влада или победите на предвремни парламентарни избори кои ќе бидат вашите приоритети во однос на соседите и земјите членки на ЕУ?
Одговор: Ние односите со соседите ќе ги базираме на вредности на меѓусебна почит, толеранција и ќе ги надградуваме низ полињата на взаемен интерес на народите, и во нас секогаш треба да гледаат искрен пријател. Ние нема како Заев да пробуваме да ги вовлекуваме во некои непринципиелни односи, и да се служиме со измами и трикови притоа ветувајќи им се и сешто.
Прашање: Аналитичарите често зборуваат дека Македонија е буре барут и дека треба само една искра да се запали, како вие гледате на тоа?
Одговор: Македонија не е поразлична од останатиот дел на Балканот и во тој поглед цел Балкан е буре барут. Но наша одговорност како нов бран на политичари е да внесеме нова енергија и да отвориме нови страници на соработка заосновани на меѓусебно почитување, развој и толеранција. Потребно е да се фокусираме кон интегрирање и економско зајакнување на регионот. Тоа би било одговорно однесување кое народот го очекува од нас. Да ги надминеме поделбите, да се издигнеме над меѓусебните препукувања и докажувања и да го воведеме регионот во стабилни и мирни води.
Прашање: Често доаѓате во Загреб и имате состаноци со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Како ја коментирате соработката со Хрватска и дали ВМРО-ДПМНЕ и ХДЗ делат исти вредности?
Одговор: ХДЗ е наша сестринска партија, а премиерот Пленковиќ мој пријател и пријател на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. Секако дека имаме соработка во рамките на Европската Народна Партија, и секако дека таквата поддршка мене многу ми значи, и таквите мостови на пријателство треба интензивно да бидат искористени во насока на подинамична соработка.
Прашање: Во балканските држави многу слабо се вакцинираат граѓаните против корона вирусот, имате ли идеја како да ги убедите луѓето да се вакцинираат за да се заштитат?
Одговор: Морам да кажам дека владата во Македонија многу неефикасно се бореше против корона заразата. Имаме над 7 200 починати, и споредено со глава на жители тоа е меѓу највисоките стапки на смртност во Европа и Светот. Отсуствуваше навремена вакцинација, а меѓу другото министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Заев беа дел од скандалозна набавка на кинески вакцини по енормно големи провизии преку сомнителни приватни компании. Во Македонија се случи и пожар во модуларна болница при што беа загубени 14 животи, за кој никој не поведе одговорност. Тоа е една лоша и болна епизода за мојата земја.
Прашање: Дали сметате дека Македонија и Хрватска, инаку две добри пријателски земји, може да соработуваат уште подобро?
Одговор: Таа соработка треба да се продлабочува особено што двете држави се пријателски и секако дека има простор да си помагаме една со друга. Хрватскиот народ историски и во актуелната реалност бил секогаш пријателски спрема македонскиот и од таа гледна точка и двете држави треба да ја интензивираат соработката, како во полето на економијата, така и во полето на културата и туризмот. Како и на планот на пренесување на искуството за европските интеграции.
Прашање: Според сведоштвата на хрватските туристи, Македонија е земја на добри и гостопримливи луѓе, со одлична храна и сјајна македонска музика. Се чини дека вашата земја има многу туристички потенцијал од тоа што го користи. Дали вие летувате во Хрватска?
Одговор: Хрватските туристи се секогаш добредојдени во Македонија. Соработката на тој план е обострана. Вистински се радувам да се движиме заедно на патот кон успехот. Впрочем и јас лично имам голема почит кон Хрватска и Хрватскиот народ каде имам и лични пријателства. Во минатите години, во времињата кога тоа го дозволуваа, семејниот годишен одмор исто така го минував во Мокошница, во близина Дубровник, кај семејството на Марио и Славица Царич, би рекол прекрасно место во вашата земја. Имам одлични спомени од тоа време и од луѓето кои ги запознав.
Во оваа прилика го поканувам пријателскиот хрватски народ да ја посети Македонија, а во нас секогаш ќе најдете добар домаќин и отворена врата за соработка.