Дарко ЈАНЕВСКИ

ПЕТТЕ МИНУСИ НА МАКЕДОНИЈА

Кон крајот на 1944-та, додека народот се навикнува да се храни со помош на југословенските точки наместо бугарските купони, далеку од неговите очи се одвива трескавична битка меѓу македонски ориентираните водачи на НОБ, предводени од Методија Андонов Ченто (тој во тоа време ја предводи државата) и експонентите на белградската (југословенската) политика на чие чело е Лазар Колишевски (тој е на чело на партијата). Од Македонија немилосрдно заминуваат т.н. индустриски култури – афионот, сончогледот, памукот и тутунот. Ченто и неговите истомисленици се повеќе и погласно прашуваат кој ќе го плати трудот на македонскиот земјоделец. Вагони и вагони одат нагоре, ама ништо не се враќа надолу, ништо не се враќа назад.

Додека Ченто негодува, праќа пораки преку разни говори за кои се расправа дури и на Политбирото во Белград, Лазо е поинаков човек – гледа што се се случува, но наместо да негодува, тој ги бележи тие што негодуваат.

Неколку дена пред Новата 1945 година, поточно на 28 декември 1944 година, во Скопје започнува Второто заседание на АСНОМ, означено и како „вонредно“, на кое Јосип Броз Тито не доаѓа. Тоа само по себе е веќе некаков знак кој не е добар. Го испраќа Словенецот Едвард Кардељ.

Тито не дошол во Скопје, но го испратил Кардељ, што само по себе било лош знак

Маѓепсан од величината на гостинот, Колишевски понизно го слуша, а тој пак, без стеснување, на заминување од Заседаниот на АСНОМ му соопштува непријатни работи. Се ближи крајот на војната, му рекол Кардељ на Колишевски, а со тоа се ближи денот кога ќе се поднесуваат сметки кој колку сторил. На сметка на Македонија има пет големи минуси: најдоцна почнала со востанието, најудобно ја минала окупацијата, имала најмали разурнувања, имала најмалку жртви и, конечно, не учествувала во ослободувањето на Југославија.

Лазо избезумен го прашал Кардеља што да се прави. Овој, ладнокрвно му рекол:

„Првите три работи не можете да ги исправите, но четвртата и петтата може да се поправат. Затоа ОЗНА треба веднаш да почне да апси и да стрела, а вие под итно да испратите голема единица на Сремскиот фронт“.

Колишевски го повикал Апостолски и тогаш почнале интензивните подготовки на војската стационирана на скопското Кале. Формиран е 15-тиот Корпус, а војниците со обука и искуство од герилската војна, сега се обидуваат да се подготват за сремската рамнима, каде германските војски се добро закотвени. Тоа, ним, очигледно не им се допаднало. Но, спас немало – ќе се оди да се гине на Срем, наместо за Солун. Тоа го подготвува и теренот за бунтот на 7 јануари.