30/17.IV: † Св. свешт-мч Кипријан Слепченски; Св. свешт.-мч. Симеон; еп. Aкакиј

Марко КИТЕВСКИ

Од „Македонски црковно-народен календар“

Меѓу новоканонизираните светители од страна на нашата света Mакедонска правослалвна црква – Охридска архиепископија спаѓа и све­тиот маченик од Слепченскиот манастир, Свети Кипријан Слепченски. Тој е прогласен за светител со одлука на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на седница одржана на 30 март 2017 година. Во оваа Одлука уште се истакнува дека:

„Светиот синод на Ма­кедонската православна црква, маченички постраданиот за Христа архи­мандрит Кипријан Слепченски го вбројува во редот на светиите. Чесните останки на свештеномаченикот Кипријан Слепченски да се сметаат како свети мошти и да им се оддава достојно почитување.“

Во оваа Одлука уште се истакнува дека „како датум за негова богослужба се определува денот на неговото упокојување и последниот ден недела од месец април, по нов стил“ и дека „за новоканонизираниот светител е живописана ико­на и е напишано житие, синаксар, акатист, утрена и вечерна богослужба“.

Одлуката беше соопштена на 30 април 2017 година на службата што Архиепископот на Македонската православна црква г.г. Стефан со членовите на Светиот синод, многу свештеници и верници ја одржа во манастирот „Св. Јован“ кај селото Слепче, Демир Хисар. Оттогаш започ­на традицијата за одбележување на празникот на светиот свештеномаче­ник Кипријан.

За Свети Кипријан Слепченски нема многу пишувани податоци. За него се знаеше од народното предание и од два записа врз маргините на старите ракописи. Овие записи кај нас во одделни изданија ги преобја­вија Рамила Угринова-Скаловска во 1975 година и Ѓорги Поп-Атанасов во 1996 година.

Светиот Кипријан Слепченски за прв пат се споменува во еден запис од 1751 година во едно Слепченско евангелие. Се претпоставува дека овој запис го направил самиот Кипријан за да остане сведоштво за изградбата на две воденици кои се во врска со манастирот.

Целиот за­пис е следниот:

„Да знае секој христијански брат како направи еромонах Кипријан воденици спроти Градиште на реката што иде откај Обедник. Беле и Неделко го дадоа местото. Кипријан даде манастирски пари, да направи две окна: едното окно за црквата Св. Јоан, а другото – за Беле и Неделко. И нека се знае кое окно на кого е. Откај реката е манастирско, а откај патот Белево и Неделково. Сведоци: Мула Хасан Небиониќ и брат му Абдула – Спахија и Али – Спахија, Бектешов син и Муто Ќехаја. И други сведоци: Слепчани и Градиштани – мали и големи. И друго да на­пишеме да се знае: кој ќе се одречи од дадениот збор, да биде клет и про­клет од 318 богоносни отци и од Господа Бога седржателот и од Св. Јоан и од светото Евангелие и да биде почитуван како што се почитува Јуда и да биде сличен на Датан и Авирон, амин. Да се знае, исто така, колку трошок се направи околу воденицата – 200 гроша готови пари и пиење и јадење одделно.“

Вториот запис е направен 29 години подоцна и во него се зборува за маченичката смрт на игуменот. Под овој запис стои името на „монах Неделко Петре“ а истражувачите сметаат дека тој може да е оној Неделко што се споменува во претходниот запис и што дал имот за водениците.

Овој запис според книгата „Стари записи“ од Ѓорги Поп-Атанасов гласи:

„И во таа година 1780, месец април, 16 ден, на Велики Четврток вечерта влегоа Турци Колунци и го фанаа игуменот Кипријан и го ма­чеа – со оган го гореа за аспри, а аспри немаше да им даде. Го изгореа. Три дни живееше – на Велигден почина; и зедоа арамиите од манастирот Свети мошти сосе сребрена кутија, кутијата чинеше 120 гроша. И зедоа три коња и ги натоварија со бакар и руба и сè што пронајдоа во црквата го однесоа. Манастир Слепче, храм свети (Јоан) Претеча.

Во овој запис е направена една мала грешка. Таа година Велигден не бил на 16 април туку на 14 април. Како и да е игуменот Кипријан настрадал на Велигден, на 17 април 1780 година.

Во записот се вели дека злосторството го извршиле Турци Колун­ци. Всушност не се работи за Турци, туку за Албанци од областа Колун, место источно од Корча. Тие го нападнале, манастирот на Велики Чет­врток 1780 година. Од игуменот Кипријан побарале пари, во записот се вели аспри, и бидејќи тој немал да им даде го подложиле на жестоки измачувања, го гореле со оган и полумртов го оставиле, ограбувајќи го манастирот. Одзеле сребрен кивот со свети мошти и на три коњи нато­вариле бакарни садови, облека и сè што нашле. Игуменот Кипријан по­живеал неколку дена, до Велигден истата година, 17 април. Починал од големите измачувања и од изгорениците. Со овој чин тој всушност се жр­твувал за манастирот и за верата христијанска. Неговиот култ е раширен низ демирхисарскиот крај.

На овој ден се празнува и споменот на Светиот свештеномаченик Симеон, епископ Персиски. Зa време нa царот Сапориј бил мачен и по­губен заедно со своите двајца презвитери Aвделај и Aнаниј.

Со Симеон на погубување биле изведени 1000 христијани. Тој застанал последен во стројот за да може да ги храбри своите истомисленици, да не се поколеба некој поради стравот во претсмртниот момент. Когa стариот Aнаниј јa ставил главата на местото за егзекуција целиот се стресол, а царевиот егзекутор, кој и самиот потајно бил христијанин му рекол: „Не плаши се старецу, затвори ги очите и биди маж, за да ја согледаш божествената светлина“.

За тоа бил наклеветен и царот веднaш ги погубил и него и неговата ќерка.

Истиот ден црквата го споменува и преподобниот Aкакиј, епис­коп Мелетински. Живеел во петтиот век и учествувал на Третиот вселен­ски собор во градот Eфес каде што се истакнал како голем заштитник нa вистинското православие. Заслужен е што во тоа време нa раздори што ги правеле разните ереси дејствувал во насока на создавање единство и доверба меѓу свештениците и верницитe.