Дарко ЈАНЕВСКИ

Една од манипулациите што сега ни се пласира во врска со спорот со Бугарија, а кој, малку по малку, Бугарите го претворија во спор со ЕУ, е дека ако историјата била исклучена од преговарачката рамка, се ќе било во ред и, тогаш, со извојувана победа ќе сме можеле да потпишеме што и да бараат Бугарите.

Лагата е во тоа што било кој документ што ќе ни биде понуден, од Франција или од било кого, ќе се повикува на доследно спроведување на т.н. Договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, а за Бугарите, клучот на тој договор е токму историјата дефинирана како „заедничка историја“ од страна Заев и Борисов. Тука на сцена стапува велелепната експертска комисија која треба „врз основа на историските факти да ја утврди вистината“ што во превод значи да утврди дека сме одродени Бугари.

Јасно е белким на сите дека во таков случај, не може историјата во исто време да не биде дел од преговарачката рамка и, преку повикување на Договорот за добрососедство, да биде дел од преговарачката рамка. Како што е јасно и дека ова второво е победник во наводната дилема. Така што, тоа дека историјата ќе отпаднела од преговарачката рамка е всушност една бедна манипулација преку која се става завеса зад тоа што не треба да го видиме, а што преку пропагандата на нафатираните владини новинари, вклучувајќи ги и тие кои изминатиот период глумеа во македонски партизански филмови за борба против бугарскиот окупатор, ќе биде протнато како некаков успех.

Вториот момент е дека со ништо, ама со ништо не е остранета можноста, не само Бугарија, туку и Грција, да не блокираат во текот на преговарачкиот процес доколку не им се допаѓа некаква страница од нашите учебници по историја, ако воопшто ни дозволат да имаме таков предмет во образованието. Кој знае, какви сме, не е чудо и тоа да го прифатиме. Немаме историја – нема проблем! Нели? Впрочем, ние и онака веќе немаме историја до седмиот век од н.е. па за уште некој век плус, нема потреба да правиме проблем. Зар не?

Третата работата е дека во ЕУ веќе се одомаќини тоа дека сме „Северномакедонци“ што полека на површина го вади колапсот што го доживеавме со Преспанскиот договор, сеедно колку сега неговиот потписник, оној со исушената рака, се обидува да се препелка како загрижен патриот за македонските интереси. Фактот што Османи се обиде да го оправда Макрон, дека тој тоа го рекол ненамерно (не знам како француски претседател би згрешил име на еден народ ненамерно), а само ден потоа Макрон повторно го употреби истиот навредлив термин за македонскиот народ или за сите граѓани на „Северна“, сеедно, само покажува дека тој му порача на Османи да си седи мирно и да не го оправдува. Тоа всушност е и доволен показател за колапсот, за бруката, не само на политичката гарнитура која не доведе до ова, туку и на целата армада т.н. новинари, невладини и какви ли се не загари кои за некакви снопчиња пари го лажеа овој народ повторувајќи ја лажната мантра на Заев дека идентитетот ни е бетон! Што не води до тоа дека тие, домашните, се всушност поголем проблем за Македонците отколку што се тоа Грција, Бугарија, барањата на ЕУ итн.

Патем, името „Северномакедонци“ веќе одамна се одомаќини во Бугарија, а од овде, од „Северна“ која во бугарскиот парламент стана „бугарска“,  немаше никаква реакција на тоа. Кога тоа е така, од Макрон не ни може да се очекува да не почитува, ако тоа веќе самите ние кон себе не го правиме.

Оттука, ние или ќе го решиме тој проблем, или дома ќе најдеме чаре за нашите Петеновци или нема потреба веќе да се лутиме на Грција, Бугарија, на Брисел и да не редам понатаму. „Лигавиот“ однос кон сите тие структури, обидот за некакво политичко примирје со нив, посебно со наводно освестениот дел од нив, кој му седел в џебот на Заев ама потоа сфатил дека дечкото не го бива, всушност само ни ја продлабочува агонијата. Поарно тогаш уште утре да потпишеме дека сме с’шти народ со Бугарите и да не си го губиме времето. Зашто, ако тоа не се случи, ако останат во игра Петеновци, тогаш таман утре да ги раскинеме сите штетни договори за Македонија, тие еден ден ќе бидат вратени на сцена и потоа се почнува одново.

Што се однесува пак до Бугарите во фалсификуванот Уставот на Северна, едно мало прашање: ги има ли Бугарите во Уставот на Грција, а кои се населени во оние 51 отсто од Македонија, за која, Бугарите во Собранието тврдеа дека е бугарска (а ги има веројатно повеќе од оние 3 000 во Северна)? Или таа Македонија не е бугарска? И што стои во бугарските учебници: Солун е бугарски град како што и за Охрид тврдат дека е бугарски или не е? Кога велат Македонија е бугарска (а не Република Македонија или Република … Македонија) со транспаренти во бугарското Народно собрание, тоа ја опфаќа и Егејска Македонија, значи Воден, Лерин, Костур, Солун, Кавала, Кукуш итн или не? А ако не, зошто? Еве може ли Османи, кој, види Бога ти, се лути дека му рекле оти повеќе е загрижен за тоа Албанија да ги почне преговорите со ЕУ отколку Македонија, да праша! За да може потоа, ние „седмата фекална сила“ на Северна, која пред се ги вклучува оние на кои Заев им ги наполни џебовите додека тие врескаа дека се ослободени од режимот на Грујо, од кој режим половина испаднаа нафатирани предавници, да го убедиме оној заостанат дел од народот кој се уште се смета за македонски, а не за северномакедонски, дека не треба да гледа назад, туку напред – во иднината.

Се разбира, во меѓувреме додека ние му се лутиме на Макрон, дома ни се подготвува страотен економски удар преку цената на струјата, што дополнително ќе ја вивне инфлацијата. Економскиот колапс кој ни се заканува и од кој ќе бидат поштедени само дебело подмачканите владини и т.н. невладини структури, ќе ја клекне на колена оваа држава, па на крај веќе со првите студени денови, не само што ќе потпишеме дека сме Бугари, туку ќе ги побугарчиме и плочките на Александар и Филип, ако пред тоа Грците не ни залепат по некоја мувлосана корка лепче на чело. Добро смислено „северно“ сценарио!