Венци и свежи цвеќиња положија делегации од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски, советникот за безбедност Валентин Диневски и аѓутантот на претседателот на државата Билјана Блажеска. Од Собранието пред споменикот се поклонија и положија цвеќе пратениците Миле Талески, Ане Лашкоска и Петар Ристески, а од Владата делегација предводена од Драган Василески. Од Министерството за одбрана и од Генералштабот на АРМ делегација предводена од генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, потполковник Марјан Миленковски и полковник Сашко Лавчински, како и членови од семејствата на загинатите, претставници од градот Прилеп, здруженија и политички партии.
На присутните им се обрати прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, кој нагласи дека Карпалак ќе боли засекогаш, но ќе остане вечниот спомен да потсетува на храбрите кои за земјата го дале највредното, својот живот е пораката од градските власти.
-Стоејќи пред оваа спомен плоча и споменикот изграден во нивна чест, пред оваа топка која што симболизира вечен живот, докажуваме дека сме сплотени и никој не може да не спречи во нашата намера да ја браниме и безусловно да ја сакаме нашата татковина. Исто така сите сме согласни во тоа дека злото од 2001 година никогаш не смее да се повтори. Затоа што во воените конфликти нема победници, рече Јовчески.
Според Игор Петрески, претседател на здружението „Карпалак“, бранителите по 21 година се речиси заборавени, остана сомнежот дека загинатите се предадени и се саможртви.
– Да, државата ништо не направи за бранителите во овие 21 година. Заборавени сме. Остана сомнежот дека бевме предадени на Карпалак по сето што се случуваше и што претходеше, па и според нашата тужба што ја поднесовме своевремено. Соживотот меѓу обичниот народ не бил никогаш проблем, па ни тогаш, сето друго беа политички манипулации. Единствено што не прави горди што останавме да сведочиме што се случувало и никогаш да не ги заборавиме загинатите, ниту да се повтори 2001-та, изјави Петрески.
Изутрината беа посетени вечните почивалишта на загинатите на прилепските градски гробишта и во населените места, а во црквата „Света Петка“ во населбата Точила се одржа панихида за загинатите.