Министерката за одбрана Славјанка Петровска не положи цвеќе на местото на погибијата на македонските бранители кај Карпалак, чествувањето и цвеќињата ги испрати на Фејсбук.

– 21 година непребол и незаборав за Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, десеттемината припадници на резервниот состав на Армијата (на Македонија з.н.) кои од заседа беа нападнати кај Карпалак во оружениот конфликт во 2001 година. Секогаш кога гледаме кон иднината, не смееме да заборавиме на жртвите направени во минатото, за уште повеќе да го цениме она што го имаме денес. Бидејќи нема мир и слобода без заемна почит и без сеќавање. Во чест на загинатите Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан и Пеце, кои дадоа се’, го дадоа својот живот и заминаа во вечноста како херои, а нас не’ обврзаа да ги почитуваме нивните идеали и верувања. Слава им!- објави министерката Петровска.

Таа не споменува ниту АРМ, во чија униформа загинаа бранителите, ниту кој го предизвика конфликтот и против кого го дадоа својот живот македонските бранители. Петровска веројатно смета дека тоа мора сите да го знаат или пак не сака да „погоди“ некого од колегите во Владата и министерствата кои беа водство на терористичката ОНА, а сега ги делат највисоките фотелји во Владата и власта на која припаѓа и Петровска.