Во Буџетот недостигаат 900 милиони евра, а вториот ребаланс е признание за лошото водење на финансиите и економијата од Владата, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
-Сè повеќе на виделина излегува дека буџетот е во катастрофална состојба, фалат скоро милијарда евра, 900 милиони евра недостасуваат во буџетот, дополнително во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за пензии недостасуваат исто така уште една милијарда евра. Сериозно е загрозена стабилноста на буџетот, како и тоа дека сè повеќе се отвораат прашањата од каде и од кои извори во следниот период, дали пред Нова година, дали на почетокот на следната година, ќе се исплаќаат плати и пензии-вели Филипче.
Тој нагласи дека, додека другите држави веќе разговараат за буџетите за следната година, Македонија прави втор ребаланс во текот на една година.
-Нема држава која што сега прави втор ребаланс на буџетот. Сега сите држави кои што добро се менаџираат, веќе разговараат за буџетите за 2027 година. Што ние правиме? Ребаланс за, само што ќе заврши овој ребаланс, да почне и да се отвори дискусијата за буџетот за следната година. – истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ, на денешната прес-конференција рече дека со ребалансот нема пари за поголеми плати и подобар стандард, туку се кратат капиталните инвестиции и се отвора пат за ново задолжување. Тој потсети дека со јулскиот ребаланс дефицитот бил зголемен со образложение дека средствата ќе одат за капитални инвестиции, но сега тие инвестиции се кратат, додека зголемениот дефицит останува.
Филипче забележа дека лошото планирање се гледа и кај приходите, чија проекција Владата сега ја намалува, додека јавниот долг, како што вели, продолжува да расте.
-На приходната страна нема поголем доказ за лошото планирање и за немањето капацитет на институциите. Имено, во јули Владата ја крена проекцијата на 379,5 милијарди денари, а сега ја намалува за 5,3 милијарди денари на околу 374 милијарди денари. Што значи тоа? Дека на приходната страна сериозно е потфрлено. Јавниот долг расте, ќе достигне 12 милијарди евра со долговите на јавните претпријатија, пред сè на Јавното претпријатие за државни патишта- рече Филипче, според кого за две и пол години долгот, вели, бил зголемен за околу 4 милијарди евра.
Претседателот на СДСМ, најави амандмани со кои ќе бараат повисока минимална плата, повеќе средства за младите, зголемување на студентскиот оброк и поддршка за земјоделците.
-Сега власта има избор, пред крај на годината, нека ги поддржи граѓаните, нека направи барем еден чекор со кој што ќе се зголеми стандардот во овие ужасно тешки услови за живот. Нека покажат малку грижа, нека не водат сметка само за своите партиски тендери – вели Филипче.




