Во моментов нема пријави за корупција во образованието, а доколку има – ќе се постапи според закон, нагласи министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во изјава за медиуми, пред почетокот на Националниот форум „Млади за интегритет – од гласот на младите до институционални промени“, што се одржува денеска во Скопје.
Министерката се заблагодари на „Аналитика“ за спроведување на овој проект со поддршка на германската Влада и германската Амбасада во земјава, затоа што, нагласи, е од исклучително значење за целото општество и служи за подигање на свеста кај младите во борбата против корупцијата.
- Од позиција на министер за образование и наука, сметам дека училиштата не се само средини каде што се стекнуваат знаења, компетенции и вештини, туку каде што се гради личност со интегритет и со вредносен систем. Учениците во нашата земја, освен преку проекти за борбата против корупцијата и негативните влијанија во општеството, учат преку предмет – граѓанско образование. Но, такви теми има и во другите предмети, што значи дека застапени се оние знаења што тие треба да ги стекнат за време на процесот на образование. Но, секако, ваквите проекти исклучително многу влијаат и се од помош за развивање на свесноста и за спроведување на соодветни постапки при несаканите активности, еве да речеме во образовниот систем – додаде таа.
_O38CNwOx8/large.webp?use_watermark=1)
На новинарско прашање, таа истакна дека учениците треба да се научат дека оценката треба да биде заслужена и дека оценката е нешто што гради вредносен систем.
– Ова го кажувам заради општопознатиот пример дека кај нас бројни ученици имаат петки, а не се еквивалент на нивното знаење. Тие треба да научат дека и да згрешат, не е страшно да ја прифатат одговорноста и не треба да бегаат од евентуалните последици, туку да научат на кој начин да се справуваат со тоа. Во минатото имаше примери на пријавена корупција во високото образование и одреден број на професори, за кои беше докажано такво однесување, ги поднесоа последиците според закон, така како што следи. Иако се зборува во јавноста, дека постојат, сè уште, одредени такви примери – нема пријавено, нема конкретни пријави на кои би можело да се постапува. Во моментот кога ќе ги добиеме, ние, секако, дека ќе постапиме по закон – нагласи Јаневска.
Таа додаде дека и на анонимни пријави, доколку постои некаква неправилност во работењето на училиштата, ДПИ постапува и носи записник.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер пред денешниот Национален младински форум, рече дека истражувањето било реализирано во Скопје, Гостивар и Струмица и 54 отсто од младите лица кои учествувале, загрижени биле за корупцијата во училиштата.
Таа беше прашана за споредба, каква е ситуацијата во Германија.
– Јас цитирав студија каде што се кажува дека 54 проценти од испитаниците го сметаат тоа, тоа е перцепција нивна. И во Германија го имаме истото, и во Германија механизмите што ни се на располагање се токму преку образованието, преку да видиме информација и за гледање на тоа што е корупцијата во секојдневието. Имаме секако и превентивни мерки за да се спречи корупцијата, но и кривично гонење, што се се применува – одговори Дрекслер на новинарско прашање.
Амбасадорката рече дека и тие работат заедно за да се зајакнат тие механизми и со тоа, перцепцијата да се промени.
_mWq15ui5x/large.webp?use_watermark=1)
Бојана Мијовиќ Христовска од „Аналитика“ рече дека веќе втора година се работи овој проект во кој се вклучени млади од осум региони.
– Минатата година „Аналитика“ спроведе истражување кое што ни покажа загрижувачки резултати. Меѓутоа, оваа година одиме чекор понапред, значи не остануваме само на препораки, истражување, туку се насочивме директно на соработка со младите, со наставниците, правевме младински акции, едукативни активности, работилници и активности за подигнување на свеста против корупцијата. Оваа година, за исклучително важно е тоа што ги вклучивме сите осум региони во државата. Работевме во Струга, Делчево, Ресен, Демир Капија, Крива Паланка, Струмица, Гостивар и Скопје. Изработивме национален модел, прирачник што ќе им послужи на наставници, ученици и родители, што е богат со едукативни содржини со насоки за превенција, спречување и постапување во случај на неправилности и конкретни механизми за обезбедување на средина на одговорност, чесност и транспарентност, односно како учениците треба да се однесуваат спрема соучениците, спрема наставниците и така натаму – појасни Мијовиќ Христовска.
Таа информираше дека е надоградена мобилната апликација „Глас против корупција“ за пријавување на корупција.
– Ова е дигитална алатка. Зошто го направивме ова? Затоа што сакаме да бидеме од помош на образовниот процес и да понудиме дигитални алатки коишто се блиски и практични до младите. Истовремено ги вклучивме директно младите во нашите активности, покажавме дека не сме само тука да ги слушаме, туку да ги вклучиме и да им обезбедиме средина каде што можат да делуваат врз одлуките кои се носат во јавниот живот. Така што, младите порачаа дека сакаат да бидат дел од промените, сега останува на нас и на институциите да одговориме на тие промени – нагласи Мијовиќ Христовска.
Минатата година имале податок дека 51 отсто од наставниците и од учениците би се охрабриле да пријават доколку има безбедна алатка.
– Мобилната апликација е токму тоа – безбеден начин за пријавување. Секако, треба да се работи, затоа и ова го правиме, за да вршиме едукација, за да ги запознаваме, за да ја подигаме свеста за тоа што значи и како се пријавува неправилност – рече таа.

Маја Христовска, исто така, дел од овој проект, им се заблагодари за поддршката на германската Амбасада, Министерството за образование и на министерката Јаневска.
- Нешто што би дополнила е дека постигнавме уште еден важен резултат. Односно изработивме едногодишна програма за антикорупциска едукација во училиштата, а училиштата – нашата програма ја интегрираа во нивната годишна програма за работа. Важно е да напоменам дека кога ја изработувавме оваа годишна програма за антикорупциска едукација, ги користевме насоките и едукативните материјали на Бирото за образование, сѐ со цел антикорупциската едукација да добие поконтинуирана и попрактична примена во училиштата – додаде Христовска.
На новинарско прашање, таа истакна дека децата знаат што е корупција.
– Децата знаат што е корупција, начелно и препознаваат најразлични форми на корупција. Нешто што им недостасува е начините и механизмите кои им стојат на располагање за да се спротивстават на истата. Нашата борба е младите да не ја нормализираат појавата на корупција – истакна таа во изјава за медиуми. (МИА)




