Во ниеден ЕК извештај не е забележан проблем со Бугарија, околу почитување права на малцинства. Во Договорот со Бугарија нема барање за внесување на Бугарите во Уставот, ниту некогаш до сега Бугарија посочувала ваков проблем“ – рече професорката Гордана Силјановска-Давкова која е и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на утринската емисија „10 Студио“ на Телевизија 24, коментирајќи ги актуелните случувања меѓу Македонија и Бугарија.
Таа посочува дека за Македонија во сите меѓународни извештаи било истакнувано оти има уставни гаранции и стандарди за почитување на малцинствата повисоки и од меѓународните.
Според неа, профилот на политичарите е многу важен, ова што се случува во Бугарија е поврзано и со нас, но и нашиот однос кон соседите. „Ние се покажавме како држава која нема себепочит. Поддршката за Бугарија однадвор покажува дека таа е дел од семејството, а тоа си ги штити децата.“- предупреди Силјановска.
Говорејќи за актуелната тема за внесување на Бугарите во Уставот, таа вели дека нема да да гласа за тоа. „Секоја власт има мандат само за она со што излегла на избори, оваа власт не го кажала тоа пред граѓаните. Тоа го нема ниту во Договорот со Бугарија. Иницијатива за промена на Устав не може да доаѓа од надвор.“ – рече Силјановска.
Таа е категорична:„Оваа власт е нелегитимна, премиерот си замина, најголемиот дел од министрите не биле на избори, затоа се потребни избори“.
Во однос на предлог законот за амнестија, Силјановска вели дека крајно време е да се преиспита квалификацијата за она што се случуваше на 27 април. „Во битието на ова дело има нешто погрешно, тероризам не може никако да се препознае.“, посочи Силјановска.