Леонардо Ди Каприо и Бред Пит им се обратија на Американците – да излезат и да гласаат на претстојните избори во САД. Актерите се појавуваат заедно во видеоклип снимен за оваа намена.
Холивудските ѕвезди ги повикуваат Американците да гласаат на „најважните избори на нашето време“.
„Иднината на државата се решава следната седмица“, вели 43-годишниот Ди Каприо и додава:
„Влогот е голем!“
„Изборите ќе ја определат иднината со оглед на климатските промени, реформите на судскиот систем, финансирањето на образованието, правата на луѓето со различна сексуална ориентација, имиграционата политика, чистотата на водата и воздухот и достапноста на здравствените услуги“, додава Бред Пит.
„Не можете да ја негирате важноста на ова гласање, затоа ве молиме, нека вашиот глас биде слушнат“, велат актерите на крајот од снимката.
Изборите во САД се закажани за 6 ноември и од нив зависи дали Трамп ќе добие одврзани раце да ја води државата или демократите ќе можат да му поставуваат пречки како во изминатите две години.