Гарантираме 20.000 денари минимална и 30.000 денари просечна пензија, но и многу други финансиски мерки за поддршка на нашите пензионери. Оваа програма е остварлива и нема откажување додека секој ред од неа не стане наша реалност. – истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Охрид.
За тие две години додека ја водев владата дадов се од себе да ги подобриме состојбите, да им помогнеме на граѓаните, да го аморизираме ударот од кризата. Цело време бевме рамо до рамо со граѓаните. Донесовме девет пакети антикризни мерки вредни 2,6 милијарди евра. Спасивме 80.000 работни места во 20.000 компании. Им помогнавме на над 660.000 домаќинства да не се соочат со ценовен шок од сметките за струја. За три пати ја зголемивме минималната плата која сега изнесува 22.500 денари. Се погриживме нашите пензионери да имаат достоинствени примања и ги зголемивме пензиите за 55%. – посочи Ковачевски во Охрид.
Направивме многу, не знам дека не направивме доволно. Денеска, стојам исправен тука пред вас и од срце ви порачувам – јас сум спремен да работам ден и ноќ за да направиме повеќе и да изградиме држава со која сите ќе се гордееме. Нашиот главен фокус останува членството во Европската Унија. ЕУ е единствената шанса Македонија да се промени и да напредува. Едноставно, друг начин нема, друга опција не постои. Со членството во ЕУ ќе се случи вистинска и суштинска промена кон подобро во нашата земја. – рече Ковачевски на предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Охрид.
На 8-ми мај изборот нема да биде само помеѓу партии и кандидатски листи. Изборот на 8-ми мај е многу посуштински за сите нас како граѓани на оваа држава, меѓу надеж и просперитетна иднина со СДСМ или безнадежност и вражање 10 години назад со ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.
-Вашиот глас има огромна вредност. Затоа убаво размислете кому ќе го дадете на 8-ми мај. Дали ќе изберете надеж и просперитетна иднина со СДСМ или безнадежност и враќање 10 години назад со ВМРО ДПМНЕ. Дали ќе поддржите искреност, посветена работа, чесност и одлучност или кукавичлук, манипулации и лажен патриотизам, рече Ковачевски.
Јас Димитар Ковачевски, во име на сите мои другарки и другари од СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, ве повикувам на 24 април и на 8-ми мај да го заокружите бројот 1 и да гласате за европска иднина, додаде Ковачевски.
СДСМ, Коалицијата за европска иднина и нашиот претседател Стево Пендаровски ви нудиме јасен план за европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, во која функционира демократијата, владеењето на правото, социјалната правда и во која има слобода медиуми, потенцираше Ковачевски.
-Одиме на победа! Нема застанување додека не ја направиме Македонија дел од Европа!
Нема откажување додека Европа не ја донесеме во Македонија! Нема откажување од иднината!, рече вечерва претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на предизборниот митинг на Коалицијата за европска иднина во Охрид.