Некогаш тоа беше европска Северна Кореја, затворена комунистичка диктатура, пишува хрватскиот Пословни дневник за Албанија. Но, сега Албанија привлекува милиони туристи годишно, а сè поголем број доаѓаат во потрага по посветла насмевка или подобри гради.
„Не сакам да зборувам за медицински туризам. Звучи малку страшно“, вели Дритан Греми, кој води стоматолошка клиника во главниот град Тирана.
„Преферирам да зборувам за туризам на среќа“.
Греми рече дека неговата клиника нуди „висок квалитет на услуга и опрема“, гарантирани и сертифицирани според европските стандарди. Но, многу поефтино во споредба со европските цени.
Има италијански, француски, белгиски и швајцарски клиенти кои често ги привлекуваат пакет аранжмани кои вклучуваат патни трошоци и сместување.
Патувањето на Стефан Пилат во Албанија започна со надеж за нова насмевка по прифатлива цена.
Тој и неговиот брат, од Валенс на југот на Франција, долго време страдале од проблеми со забите што ги натерале да направат сложена процедура за имплантирање на забите.
„Во Франција имавме првична проценка која беше многу, многу скапа. Потоа почнавме да бараме на Интернет – Бугарија, Турција, Албанија, Шпанија“, изјави Пилат за АФП.
За клиниката Греми дознал на консултации во Лион со албански стоматолози.
По првата посета во август, Пилат и неговиот брат биле задоволни од она што го виделе во Тирана и се вратиле наесен.
Операцијата за забен имплант што тој ја избра чинела приближно 50.000 евра во Франција, наспроти само 13.500 евра во Албанија.
За Пилат тоа не е мала разлика.
„Важно е да се има убава насмевка“, рекол тој.
Натали Ганглоф, која работи во старечки дом во Коњак, западна Франција, исто така избрала клиника во Албанија за да ги лекува нејзините проблеми со забите.
За забите платила помалку од 15.000 евра наспроти 42.000 евра што би требало да ги потроши во Франција.
Откако ги поставила имплантите во февруари, таа се врати во Тирана во средината на септември на завршна работа, среќна што повторно ќе ја има нејзината насмевка.
„За мојата работа е важно да имам убави заби“, изјавила таа за АФП, велејќи дека веднаш ја сменила сликата на профилот на Фејсбук за да ја покаже својата нова насмевка.
Ниските режиски трошоци и ниските даноци им помогнаа на албанските клиники да привлечат клиенти со пониски цени.
Се проценува дека секторот за медицински туризам во земјата заработува меѓу 200 и 250 милиони евра годишно, а најмалку 50.000 Италијанци секоја година ја посетуваат Тирана на лекување.
Сепак, процедурите не се без ризик.
Шефот на албанската национална асоцијација на лекари, Фатмир Ибрахимај, вели дека и странските и локалните пациенти не треба да се потпираат само на онлајн рекламирање за козметичките процедури и да внимаваат каде се лекуваат.
„Одењето на лекар не е како одење во хотел со пет ѕвезди“, им рекол Ибрахимај на новинарите.
„Се повеќе странски туристи доаѓаат и на козметички третмани за да им ја разубават насмевката“, изјавила Моника Фида, дерматолог и универзитетски предавач во Тирана.
Особено популарни се инјекциите на хијалуронска киселина во усните.
„Пред се сакаат да се чувствуваат добро и да имаат што е можно природно обликувани усни“, додала Фида, која рекла дека секоја година нејзината клиника ја посетуваат од 750 до 1000 странски пациенти.
Вера Панаитов, 60-годишна италијанска готвачка од Верона, прво дошла во Тирана да си ги „среди“ забите.
Но, кога веќе била таму, решила да направи и процедури на градите и половината.
„Треба да бидете убави на која било возраст и среќна во секое време“, изјавила таа за АФП, насмевнувајќи се од болничкиот кревет, велејќи дека се чувствува „подмладена“.