Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 122-годишнината од смртта на великанот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев, положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, соопштија од претседателскиот кабинет.

Одбележувањето започна со Панихида, отслужена од страна на Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, во сослужение со свештениците од Скопската епархија. Свежо цвеќе положија и делегации на Владата, на Собранието, претставниците на дипломатскиот кор, на политичките партии, на граѓански здруженија и бројни други почитувачи на ликот и делото на Делчев, истакнуваат од кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова

-Со длабока почит, по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, положив свежо цвеќе на неговиот вечен дом во дворот на црквата „Св. Спас“.
Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи.
Тој не случајно почива тука, во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, на македонска почва и под македонското небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава.
Гоце Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина! – е објавено на нејзиниот ФБ профил.