Пословици и поговорки запишани од Кузман Шапкарев
Видела свињата рогузина, (та) посакала и постела. (Прилеп) – Оној што ќе најде малку добро кое и не го заслужува, не се задоволува со него и бара друго и уште поголемо и невозможно.
Видело та бегало (доброто од нас). (Охрид) – Така за себе велат оние што не очекуваат некоја добрина, особено кога некој ги теши со надеж за добро.
Види водо (или видела вода) сфекрвина кошула. (Охрид) – Површна и мала услуга на невестата кон домашните луѓе.
Види г’зу новина не дочекај година. (Охрид) – Краткотрајноста на тенката облека.
Види му глата, крој му капата. (Охрид),
Види му умот, та земи му кројот. (Прилеп) – Секого да го оценува според неговите дела. Таа пословица се употребува за недугавите.
Видите ме, (та) чудите се. (Охрид) – Станав достоен (!) за восхит пред светот. Се употребува на шега кон фалбаџиите.
Викни ме (на гости), мазниче, да те викнам тучниче. (Охрид) – Почестите и услугите треба да бидат взаемни.
Вино носи, вода пиј. (Охрид) – Труди се, а не користи ги резултатите од трудот.
Виното р’це немат, а за очи фашчат. (Охрид) – Својството на виното да опијанува, кое им го споменуваат на оние што пијат вино и на пијаниците, со цел да ги одвратат од пијанството.
Висок човек (а) ниска работа; низок човек, (а) висока работа. (Прилеп) – Несообразност меѓу надворешниот изглед и внатрешните способности на некои луѓе.
Витосај го (или) витосај се. (Охрид) – Фрли го или фрли се во вода, т.е. удави се, – преносно: мавни го, мавни се од пред очиве та макар и во вода да се удавиш.
Влезе во ними (а) излезе над ними.(Охрид) – Ги разнесе, ги растури за кусо време. Така велат за оние кои кога ќе дојдат до некој огромни количини пари за кусо време ќе ги растурат.
Во вода (или), во море риба не се пазарит. (Охрид, Прилеп)- За нешто невидено и непознато не можат да се ставаат прецизни услови.
Во воденица го родила (или го залулала) мајка му. (Прилеп)- Со оваа пословица ги прекоруваат оние што постојано и штогоде зборуваат.
Во врело грне никој не посигат. (Прилеп) -Строгиот и лут човек никој не го задева.
Водата спијат, а душманот никога (не спиет). (Охрид) – Од непријателот треба да се чуваме и тогаш кога ни се чини дека мирува; зашто да ни напакости тој секогаш е буден и мисли, дури и кога водата по реките би заспала.
Водата се мијат (а) само устата не можит (да ја измијат). (Охрид) -Еднаш искажаните навредливи зборови кон некого со ништо не можат да се избришат и заборават.
Во една уста пљувает. (Охрид) Или: Во една црпка прдат. (Прилеп) – Блиското дружење и истомисление меѓу некои луѓе.
Во здрава нога трн (не набодви си). (Охрид, Прилеп) – Без неопходна потреба не влегувај во тешка расправа или свесно предизвикана неволја.
Во лете на секое трнче (имат) и лепче. (Прилеп) – Додека е човек на летна возраст, т.е. млад може да најде храна и живеалиште каде и да појде, дури и во трњето ако побара, како што во летно време се што е потребно за исхрана го има во изобилие.
Волкот го клале да вардит офците. (Охрид, Прилеп) – Човек природно немирен и пакосен го ставиле да ја одржува тишината.
Волкот на пазар не слегвит. (Охрид) – Лошиот и прогонуван човек не смее да се јави пред публика за да не биде разобличен и накажан.
Волкот офца не се чинит. (Охрид) – Лошиот човек никогаш не станува добар.
Волк пастрма не чуват. (Охрид) – Лакомиот и нештедлив човек не размислува за иднина и не штеди, туку што ќе му се падне го изедува и растура веднаш.
Волкот по нар’чано не јадит. Или: Волкот сам си а вршит работата, та зато му е дебел вратот. (Охрид) – Оној што сака да сврши некоја работа сигурно не ја доверува на друг туку сам се залага за неа и ја извршува успешно.
Волот го носеле на кола (со скршена нога, за да го заколат, како невреден веќе заработа) а тој видел јуничка та рикнал. (Охрид) – Неморалниот човек и во несреќата кога би го снашла не се остава дод неморал.
Волот се врзвит за рогот, а човекот за јазикот. (Охрид) – Чесниот збор треба да биде гаранција во одндосите со луѓето, поради тоа оној што еднаш ќе даде чесен збор должен е да се придржува кон него; инаку би се сметал подолен од вол.
Во мало село многу кучиња. (Прилеп) – Во мала заедница многу служители или пак заповедници.
В орман кадиа не судит. (Прилеп) – Каде што нема правдина, тамо не барај ја.
Во празна кошница глушец не влегвит. (Охрид) Или:
Во празен хамбар глушец не влегуват. (Прилеп) – Кај сиромасите никогаш крадци не влегуваат да крадат.
Во старо село ноф адет не бидвит. (Охрид) – Разочараност од новите и приврзаност кон старите обичаи.
Во чаша да го пијам. (Охрид) – Многу убав.
Во чужда, или во туѓа манџа не турај сол. (Прилеп) – Не мешај се во туѓи работи и расправии.
Врапцу прт, нејзе смрт. (Струга) – Малодушноста и кревкоста на охридската риба белвица која без вода не може да живее ниту една секунда и на која за да се испече на оган и е потребно толку време колку би минало додека умре врабец силно удрен по глава, т.е. моментално.
Врана на врана очи не копат. (Охрид) – Лош на лош не му прави зло, или добар со добар не се навредуваат.
Врано, врано на ти коска, дај ми стребро (до три пати). (Охрид) – Така викаат кога ќе си извадат некој заб и ќе го фрлат на ќерамидите од покровот на некоја куќа.
Втасал како ланскиот расол. (Прилеп) – Некој многу болен, изгниен.
Врзи петел за ношви, та оди си (или, после оди) не гости. (Кукуш) – Ако сакаш други да те нагостат треба да знаеш дека и ти треба после да ги нагостиш.
Врни, Боже, врни; мајка ти се моли с четир деца голи. (Тиквеш) – Исказ што го кажуваат децата кога во летно суво време ќе почне да паѓа голем дожд; соодветно на: „Роси, роси росица“ и сл.
Од записите на Кузман Шапкарев (Подготви Марко Китевски)