Продажните цени во градежништвото се очекува да се зголемат во наредниот период, навеле раководителите на градежните фирми во оценката за деловните состојби во секторот, што ја објави денеска Државниот завод за статистика.
Индикаторот на доверба во градежништвото во вториот квартал е повисок за 0,2 процентни поени споредено со првиот квартал годинава, а во однос на второто тримесечие лани бележи зголемување за 0,7 процентни поени, оценуваат раководителите на градежните фирми.
Државниот завод за статистика денеска објави дека очекувањата за вкупните порачки (договори) за градежни работи во вториот квартал годинава се поповолни во однос на претходното тримесечје. Се очекува и да се зголеми бројот на вработени.
Оценката за економската состојба во второто тримесечје од 2019 година е поповолна во однос на претходното тримесечје, а е поповолна и во однос на второто тримесечје од 2018 година. Сегашната состојба со порачки (договори) на нивните деловни субјекти е поповолна во однос на претходното тримесечје, а оценката за финансиската состојба е понеповолна. Бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата да се над нормалата.
Најголемо влијание врз ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следните фактори: нема побарувачка со 18,5 проценти, зголемени трошоци за материјали со 17,9 проценти недостиг на обучен кадар со 15,6 проценти и конкуренција во сопствениот сектор со 12 проценти.