ВМРО-ДПМНЕ не го блокира носењето на законот за медиуми, напротив се обидува да издејствува подобро решение кое ќе гарантира поголема независност на регулаторните тела за медиуми и ќе ги направи отпорни на притисоците на власта, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, за денешните обвинувања од Здружението на новинари на Македонија дека оваа партија го кочи донесувањето ба законот за медиуми.
– Главната цел на искажаните ставови последните денови е тенденцијата на „министерот за вистина“ Роберт Поповски, како и на министерот за партизација на администрацијата Дамјан Манчевски, за комплетно одземање на независноста на регулаторните тела за медиумите во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ поднесе 60-тина амандмани кои произлегоа од јавната дебата при креирање на предлог-текст за закон. Всушност се работи за амандмани кои спречуваат партизација преку начинот на избор на членовите на регулаторните тела. СДСМ и Роберт Поповски бараат начин веднаш, со политичка одлука, да бидат вметнати партиски кадри во овие тела. Со тоа пред истекот на рокот би се прекинал мандатот на актуелните членови. Притоа, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со наведените критериуми кои ги предлага СДСМ и нивното Министерство за вистина. За дел од нив се бара да бидат како дополнителна вредност при следното конкурирање за избор на членови, а не главен предуслов,со што би се избегнало токму фаворизирање на лица блиски на СДСМ, што е целта на актуелното решение, се вели во реакцијата на најголемата опозициска партија.
Натаму во рекацијата се додава дека во меѓувреме јавноста сведочи за незапаметен притисок од министри и врз јавниот сервис ЈП МРТ и врз регулаторното тело АВМУ.
– Притисок кој што секако не е без политичка заднина. Сепак, од оние кои треба да бидат на страната на медиумите, нема ниту збор ниту за нападите од министрите врз МРТ, ниту пак за омаловажувањата и физичките напади врз новинарски екипи. Притисоците врз регулаторните тела и воопшто притисокот врз медиумите креиран од актуелната власт се и дел од забелешките кон новата власт заради кои Република Македонија не доби датум за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, се вели во соопштението на партијата.
ВМРО-ДПМНЕ жали што јавноста повторно е изложена на обиди за манипулација со вистината и што преку владините инсталации од нив се кријат вистинските причини за инсистирањето на законско решение кое нема да допринесе за вистинско информирање.