Навраќањето во Крушево е како времеплов. Особено пред илинденските празници. Секојдневието низ тесните крушевски сокачиња чии угорници ќе ви го одземат здивот, ама букввално, ве соочува со реалноста. Мали продавнички, кафулиња, музика од сите страни, кафе-муабет на балконите од кои се нуди далечен поглед.
Ама, велиме, не сме дојдени на кафе. Дојдовме, по којзне кој пат, да прашаме што се случува во историско Крушево. Крушевчани ни велат: Знаеме, сите прашуваат пред Илинден.
Ама и така е. Како се живее во градот во овие турболентни времиња? И, што се случува со музеите, чуварите на богатата крушевска и македонска историја? Како живеат сегашните крушевчани? Почнуваме од минатото да ја обликуваме сегашноста.
Крушево е град на музеите. Ги има седум. Ама, два од нив, „Македониумот“ и Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република“ одамна се обновуваат. Имаат „историска“ обнова и никако да блеснат.
Македониумот на Гумење кој го чува гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, две-три години се обновува. Ама пак нешто протекува, витражите стојат замаглени, околината далечна. Затекнавме работник кој високо искачен се обидува да ги забелее страните на витражите во споменикот.
Крушевскиот музеј раководи, ама надлежен за реновирање е Заводот и Музеј од Прилеп. Првиот човек на утановата, Благоја Атанасоски е категоричен: претходно ангажираната фирма немаше поим за обновата на споменикот. Парите и времето се потрошиле.
-Конзерваторските интервенции на „Македониумот“ на Гумење во Крушево се почнати во 2016 година. Прво работеше фирма што ја добила работата на тендер, но нестручна во секој поглед. Ниту беа стручни за решавање на проблемите на витражите, ниту за ќерамичкиот или архитектонскиот дел. Презедов активности за да се стопираат работите. Министерството за култура ми дозволи да ги прекинам работите и да направиме нова стратегија, почнува да објаснува Атанасоски.
И веднаш доаѓаме до темата: комисии. За Македониумот се формирани три. Годинава ќе истражуваат, а в година ќе почнеле да работат.
-Формиравме три комисии кои ќе работат една за витражите, друга за бетонскиот дел, трета за партерот, делот како амфитеатар на комплексот. Комисиите функционираат од есента, во тек се истражувачките работи. Договорено е до крајот на оваа година да се изготви комплетниот проект за реализација. Имаме одобрено средства годинава, и за истражувачките работи, но не можеме да почнеме со реализацијата за потемелно да се направат проектите. Ќе се решаваат скршените витражи, протекувањето, подот во споменикот…Досега ангажираната фирма беше целосно неодговорна. Не сакавме по друг, судски пат, да ги водиме работите. В година почнуваме со реализацијата на проектите и според динамиката на работите, ќе може да кажеме кога ќе завршат. Сигурно уште две до три години, вели Атанасоски од прилепскиот музеј.
Се согласува дека споменикот на Илинденската и македонската историја „се освежува“ за празникот. Ама за целосен изглед, пак ќе се почека.
Од Гумење, кон центарот на градот е Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република. На куќата од 19-иот век стои плочата: „Во оваа куќа на 2 август 1903 година е прогласена Крушевската Република“.
Веќе петти Илинден, Музејот е затворен за туристите. Се обновува. Се проширува историската поставка. Нашиот водич, директорот на „Музеј Крушево“, Зоран Богески, објаснува: работите се одолговлекоа зашто тешко може да се најде некој во земјава кој знае стручно да ја обнови куќата од 19-иот век.
-Реконструкцијата на Музејот е во завршна фаза. Навистина подолг временски период објектот се реновираше и се осмислуваше самата музејска поставка. Поставката не е проблем, туку проблем претставуваше просторот. Објектот долго време не бил воопшто третиран и реновиран, или само парцијално со одредени интервенции. Кога во 2013 година почна реновирањето, многу проблеми излегоа на површината. Сето тоа бара посебно време, посебна стручност, внимание, пристап и техники што во Македонија секогаш не може да се најдат. Отстранети се: влагата, прокиснувањето, санирани се последиците од тоа, набавен е материјал од повеќе странски центри каде се депонирани богата архива, фондови и збирки, објаснува Богески.
Музејот ќе добие нови документи, фотографии, материјали. Преку триста и сите ексклузивни кои, неодамна, со истражувањата, се откриени. Богески вели дека не може да ги доброи. Музејот ќе добие и две етнолошки поставки.
-Објектот ќе биде збогатен со две етнолошки поставки. Едната ќе биде на приземјето со простор за видеопрезентации. Во втората етнолошка поставка, на првиот кат од Музејот, ќе им биде оддадено внимание на сопствениците на објектот кои биле многу активни во тогашната македонска историја, во преродбата и во периодот на револуционерното движење. И тие се историски ликови, значајни кои беа заборавени. Историската поставка е со најстарите податоци и материјали од 15-иот век, па се до почетокот на 20-иот век, до 1913 година. Во поставката ќе биде застапен периодот на црковно-преродбенските борби: податоците за организирањето на првата народна македонска општина, со претставување на сите пет црковни општини во градот Крушево, заедно со османлиската општина. Опфатен е и периодот на Шумковата завера од 1868-69 година, потоа Брсјачката буна од 1878-81 година, формирањето на револуционерната организација, Реонскиот комитет, периодот на развојот на Организацијата од 1895 до 1903 година, потоа „провалите“ кои се случувале, набавката на оружјето за Востанието. Куриозитет е што успеавме да набавиме слики од сите, девет, крушевски војводи кои раководеле со востанички чети. Успеавме да ги претставиме речиси сите чети, осен четата на Христо Тасев-Црниот. Во историската поставка е и периодот на Востанието, организирањето на револуционерната и на цивилната власт и управа и изложени се оригинални експонати од тој период. Претставени се периодите од задушувањето на востанието, последиците од него со документи, фотографии и од оригинални предмети. Претставен е периодот на 1904 година, реорганизирањето, потоа последиците од пропагандите во 1905 и 1906 година. Претставен е и Хуриетот од 1908 година. Историската поставка завршува со периодот на Втората балканска војна, од 1913 година, за што ќе биде изложен богат, оригинален материјал, објаснува детално Богески.
Музејот сака да се пофали со ексклузивни нови документи и фотографии.
-Во целиот период кој го опфаќа Музејот, има доста ексклузивни работи. Она што е ново би рекол дека се материјали, документи, конзулски и новинарски извештаи кои буквално, ја документираат Крушевската Република. Ексклузивно е што ќе бидат изложени фотографии од основачите на Револуционерната организација во Крушево. Имавме само две, сега ги имаме, речиси, сите. Ексклузивно е што сега ги имаме речиси сите материјали за Ракитничката афера кога загинал првиот револуционер за крушевскиот регион, Веле Марков. Пронајдени се фотографии на уште двајца крушевски војводи кои раководат востанички чети, тоа се Христо Тасев-Црниот и Коста Христов Димитров, потоа фотографии за четата на Атанас Карев и за Ѓурчин Наумов Пљакот кои ќе бидат како табло. Пронајдени се доста материјали кои известуваат што се случувало во Крушево во периодот од 1903 година. Посебен материјал е пронајден за крушевските црковно-религиозни општини во кои населението било организирано. Откривме дневниците од училиштата, главните книги и книгите за народната општина, како и документите со кои е основана Општината и е откупено земјиштето. Пронајдени се документи за изградбата на училишта, болници, за општинска зграда, а првпат се пронајдени материјали за патријаршиската митрополија во Крушево, за што досега имавме само фотографија од зградата. Откривме многу поштенски картички што даваат информации за случувањата во Крушево и интересно е што се со потпис на самите учесници. Имаме материјали за балканските војни. Последно што е пронајдено и е отстапено од неговите внуци, е фотографијата од еден од најпознатите ликови во периодот на 19-иот век. Тоа е Ицо Карев, чичко на Никола Карев, кој е статусен симбол на борбата во црковно-преродбенскиот период што ќе биде изложена во Музејот. Сето тоа ќе биде во Музејот, возбудено објаснува Богески.
Очекуваат за две недели да завршат работите на објектот. Конечно, по пет-шест години. Ако Музејот на Илинденското востание на идните посетители им го прикаже сето историско богатство, досегашно и новооткриено, ексклузивно, тогаш, можеби, вредело што се чекало досега. Треба да се види.
Се враќаме на музејската статистика: Крушево има седум музеи. До „Македониумот“ (или споменикот „Илинден) и Музејот на илинденското востание и Крушевската република, се и: Музејот-леарница, Музејот на НОБ, Галеријата „Никола Мартиноски“ , Галеријата на стари икони и фрески во црквата „Свети Јован“ и Спомен-куќата „Тодор Проески“ .
Многу музеи, но уште поголема потреба од грижа на надлежните и на Крушевчани.
И кога ги споменавме крушевчани; од историјата, некако брзо се враќаме во сегашноста. Како се живее во Крушево? Во највисокиот град на овие простори кој многу сликовито ја дели судбината на македонските градови – иселувањето.
Првиот човек на градот Томе Христоски, уверува: Крушево е посакувана туристичка дестинација. Се зголемува бројот на туристите, вели годинава дури за 30 насто повеќе од лани. Градот е на листата на посакуваните дестинации според Национална географија. Живее, туристички, и зиме и лете. Сега е време за манифестации, параглајдерски светски и европски првенства, на користење на убавата природа, чистиот воздух и спокојството на историската Крушевска Корија.
-Ние сме активни во текот на целата година и го правиме Крушево да биде активна туристичка дестинација за сите сезони. Ние сме посакувана дестинација според Национална географија за 2019 година. Од 5 до 18 август е светското првенство во параглајдинг. До октомври ќе имаме повеќе национални првенства во параглајдерство, како англиското, нордијското, чешкото, словачкото првенство. Особено е многу посетено овој период зашто Крушево е познато по своите историја, традиција и култура, уверува Христоски.
Младите кои сакаат спокоен и платен живот велат, мора да има работа за секого.
-Летово во Крушево е убаво, но потоа е тешко. Нема луѓе, младите се иселуваат, како впрочем, во целата држава. Треба работа за да има луѓе. Крушево, перманентно, може да живее и од работа и од туризам. Јас, како млад човек работам во конфекција. Таа функционира, како и фирмата „Секе“ за преработка на тутунот. Ама треба работа за сите, вели младата Даниела Тасеска.
Билјана Стојаноска од крушевскиот младински совет смета дека треба да се биде упорен, да се сака градот, да се биде активен.
-Младите да не се откажуваат од својот град, да бидат ентузијастични, а државата не само да ги слуша, туку и да ги сослуша младите за сѐ што им треба, вели Билјана Стојаноска од крушевскиот локален младински совет.
Во Крушево го сретнавме поранешниот жител на Скопје, Слободан Георгиев, сегашен крушевчанец, градежен инженер во пензија.
– Јас сум скопјанец, ама си купив куќа во Крушево. И тука сега живеам. За мене, Скопје не е град за живеење. Треба власта повеќе да се заангажира да го заживее ова убаво туристичко место. Гости доаѓаат, ама треба некој да се погрижи повеќе за чистотата во градот. Инаку, сѐ друго е во ред. Младите речиси ги нема, ама повозрасните како мене, се тука. Има стари куќи пред уривање и еден туристички град тоа не смее да го дозволи. Треба да се обноват. Крушево е убаво и во лето и во зима. Во зима има жичарница, скијање, убавина, а во лето има чист, пријатен воздух, што е најубавото. Во Крушево сум преселен веќе три години, вели Слободан Георгиев, градежен инженер во пензија.
Историјата и сегашноста постојано се испреплетуваат во Крушево. Мудрите крушевчани, уживајќи во свежината и далечните погледи на Коријата, велат: Историјата нѐ учеше дека предците се борат за децата, за внуците, за новите генерации да видат „бел ден“. Ќе го „обелат“ ли денот новите генерации?
МИА