Независно од иницијативите на Владата, на премиерот Еди Рама, за намалување на нивото на јавниот долг тој и понатаму останува загрижувачка појава за економијата.
Експертите од оваа област тврдат дека Албанија е на списокот на проблематичните земји бидејќи долгот не се користи за стимулирање на економскиот раст туку „да се пополнат дупките во буџетските приходи“.
– Секој албански граѓани се раѓа со долг од три илјади евра. Значи, во споредба со бројот на населението, но и споредено со земјите од регионот, имаме највисоко ниво на долг, споредено со БДП. Многу е тежок предизвикот долгот да се намали под 60 отсто, смета проф. д-р Ардиан Цивици, поранешен член на Надзорниот одбор на Централна банка на Албанија.
Експертот Арбен Малај, поранешен министер за финансии, го поврзува нивото на јавниот долг со креирањето политики. Малај сугерира дека одобрувањето на буџетот и јавниот долг во парламентот се прави со апсолутно мнозинство.
– Од овој аспект, мислам дека фискалните политики треба да бидат разумни и не треба често да се менуваат. Растот на приходите треба да дојде од подобрувањето на администрирањето, кое треба да дојде со реформи, а не со произволни дејства. Не успеавме да имаме буџетски закон со апсолутно мнозинство. Актуелниот закон за буџет е со просто мнозинство, смета Малај.
Моментно нивото на јавниот долг на Албанија изнесува 68,6 отсто од БДП или над 8 милијарди евра. Владата најавува до завршување на мандатот, 2021 година, истиот да се намали на 60 отсто.