Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните со исламска вероисповед во Република Македонија по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, нагласувајќи дека во пресрет на празникот кој го потенцира дарувањето и солидарноста и посакува да го минат во здравје, благосостојба и хармонија, помагајќи им на сите на кои им е потребна помош, поткрепа и безусловна љубов.

– Дозволете да ја искористам оваа можност да Ве повикам и понатаму посветено да работиме на разбирањето и меѓусебното почитување без разлика на верска, етничка или која било друга припадност. Верувам дека со заеднички усилби конечно ќе изградиме едно општество во кое секој ќе се чувствува рамноправен и слободен, се наведува во честитката на Пендаровски.

Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, Пендаровски, по повод Курбан бајрам, упатил честитка и до поглаварот на Исламската верска заедница, реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи.

– Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска вероисповед во РС Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник Курбан бајрам. Посакувам Исламската верска заедница и понатаму посветено да ја извршува својата мисија грижејќи се подеднакво за сите свои верници и да придонесува за развиена, просперитетна и демократска РС Македонија, се додава во честитката на Пендаровски до реисот Реџепи.