Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека не постои ризик од зголемено ниво на радијација по експлозијата на полигон за воени проби во северна Русија на 8 август, кога загинаа пет лица.
Обраќајќи се пред медиумите заедно со францускиот претседател Емануел Макрон пред билатералната средба, Путин рече дека сите повредени и настрадани во експлозијата ќе добијат државни одликувања.
Тој додаде дека биле преземени сите неопходни мерки на безбедност, нагласувајќи дека не постои ризик од радијација.
Путин пристигна во Франција денеска за да разговара со францускиот колега Емануел Макрон за најголемите кризи во светот, вклучувајќи ги и ситуациите во Украина, Иран и Сирија и да се обиде да ги подобри односите на Москва и ЕУ.