„Убавото нема смисла ако не е споделено“. Реченица, која, според раскажувањата и усните преданија, го отсликува животот на Јоргос Зорбас или Гркот Зорба во Скопје. Она што го заработувал не го задржувал себично само за себе, туку го делел со пријателите, познајниците и со случајните минувачи. Им помагал и на сиромашните, не затоа што ги жалел, туку поради ставот дека ништо што поседуваш не е вредно ако немаш со кого да го споделиш.

Иако според некои извори, но и реплики од филмот што е снимен за него по романот напишан од неговиот пријател, грчкиот писател Никос Казанѕакис, кога бил млад учествувал во татковинската војна во Грција во име на патриотизмот, тој изразува жалење што бил глупав и луѓето ги делел по нација, а врз таа основа правел злодела. Велел „ги делам луѓето на добри и лоши, а еден ден и тоа нема да го правам затоа што сите ќе заминеме во иста почва“. ​

Кога пристигнал во Скопје, тогаш дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, нашол балканско мноштво, кое уште не се стврднало во монолитна структура. Тоа било Скопје во меѓувоениот период, во кое живееле Македонци, Срби, Грци, Турци, Евреи и Власи, а му личело на местото од каде што дошол пред тоа да биде зафатено од национализмот. Се пронашол во Скопје, како што велел, не затоа што од некаде бегал – туку затоа што некаде пристигнал. ​

Пристигнување во Скопје

На железничката станица во Скопје, пролетта 1922 година, од воз слегол необично висок маж со карактеристични мустаќи. Пристигнал од Солун по пругата што функционирала уште од 70-тите години на 19 век. Со себе носел само една торба и својата најмала ќерка – Екатерина. Според раскажувањата, прашал за хотелот „Ловец“, каде што имал резервирано соба на една година, но таму останал до крајот на животот.

Неговото вистинско име било Јоргос (Георгиос) Зорбас. Роден 1865 година во селото Катафигио на планината Пиерија, тогаш во Отоманската Империја. Неговото целосно име, името на татко му, годината и местото на раѓање се документирани во матичната книга на Катафигио, која се чува и денес.

Зорбас дошол во Скопје како вдовец. Неговата голема љубов, Елени, починала на 35 години оставајќи го со повеќе деца. Сo неа се запознале кога тој работел во рудниците на татко ѝ, се вљубиле, но бидејќи нивната љубов не била одобрена, Зорбас ја грабнал и се венчале тајно. Во Скопје дошол само со најмалата ќерка Екатерина. Иако нашол нова голема љубов, убавата вдовица Љуба, која била привлечна за сите скопски ергени и боеми, Зорбас никогаш повторно не се оженил.

​Скопје во тоа време бил јужна престолнина на Вардарската Бановина на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците – град кој привлекувал жители од сите балкански народи, во кој Зорбас дошол со план да ги оживее своите рударски соништа, во кои тој ќе биде главен.

Отворање рудници

​Во годините по пристигнувањето, Зорбас открил рудници за јаглен, шкрилци и украсен камен во близина на Скопје – се претпоставува на локации во Драчево и Зелениково, иако некои споменуваат и локации на Скопска Црна Гора, кои ги зел под закуп, а организирал ископ и продажба. Почнал да заработува, а потоа да го гради и својот углед на трошач и хедонист.

​Зорбас станал познат по саботните забави во рестораните „Маргер“ и „Кермес“ – најпознатите во тогашно Скопје. Го резервирал целиот ресторан само за себе и пријателите. Великодушно ја плаќал сметката. Ги канел и минувачите да се придружат и ги третирал како свои најблиски.

Кога забавата конечно завршувала, се качувал по скалите кон собата во хотелот „Ловец“, а музичарите го следеле сè до внатре – па излегувале наназад, без да му свртат грб, како да излегуваат од црква.

​Неговата великодушност не запирала кај ресторанската маса. Кога ќе здогледал некој сиромашен човек на улица, го канел во хотелската соба, го отворал орманот и му велел: „Избери си што ти се допаѓа и облечи се“. Тоа не било затоа што го жалел, туку поради она исто чувство со кое го резервирал ресторанот: „дека убавото нема смисла ако не е споделено“. ​Во тоа Скопје живееле Македонци, Срби, Грци, Турци, Евреи, Албанци, Власи, Ерменци – мозаик карактеристичен за балканскиот град во меѓувоениот период. Зорбас не бил странец меѓу странци. Бил дел од космополитскиот дух на градот. Зборувал, тргувал, пиел, играл со сите, без разлика на потеклото.

Според одредени извори, негов сосед во тогашното скопско влашко маало е и трговецот и градски пратеник Никола Бојаџи, Неговата ќерка Гонџа Агнеза Бојаџи, која подоцна светот ќе ја запознае како Мајка Тереза, според раскажувањата, била другарка на ќерката на Зорбас, Екатерина.

Иповедите на Зорбас на неговиот пријател и грчки писател Казанѕакис 

По населувањето во Скопје, Зорбас почнал редовно да му пишува на Никос Казанѕакис, без кој веројатно и не би станал познат.

– Бесмртноста на Зорба му ја подари неговиот другар од младешките денови, Никос Казанѕакис, пишувајќи роман за него неколку месеци пред смртта во 1941 година. Најстариот син на Јоргос Зорбас, Андреас, кој останал да живее во Грција, кога дознал дека Казанѕакис пишува книга за татко му Јоргос, му се заканил дека ќе го тужи доколку тој ја напише книгата. Оваа закана не го поколебала Казанѕакис, но била директен повод да го промени насловот на својот роман и да го нарече „Животот и делото на Алексис Зорбас“. Дејството на неговиот роман го сместил на Крит, каде што Јоргос Зорбас никогаш не стапнал со своја нога. Очигледно е дека Казанѕакис го однел Зорбас од неговиот роман на островот што многу добро го познавал бидејќи бил роден таму и затоа што немал воопшто претстава како навистина изгледа пределот во кој неговиот пријател Зорбас го копал „најпрекрасниот зелен камен на светот“, како што му напишал во првото писмо од Скопје – вели поранешниот претседател Ѓорге Иванов во обраќањето на Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023.

Во заоставштината на Казанѕакис останале документи од кои се гледа дека иако разделени со години со Зорбас, тие се исповедале еден на друг. Таа преписка меѓу нив двајцата влегла во романот од 1941 година, а подоцна и во филмот за Зорбас, кој е снимен 1964 година од режисерот Михалис Какојанис, кој освоил три „Оскари“.

– При снимањето на филмот кореографот Јоргос Провијас и композиторот Микис Теодоракис за последната сцена од филмот ќе смислат посебен танц и посебна музика. Тој танц денес е познат во целиот свет како сиртаки, а музиката за тој танц е неофицијална втора химна на Грција. Во две реченици од романот е искажана целата животна филозофија на Зорбас: „Едно време ги делев луѓето на Бугари, Турци, Македонци и Грци, сега ги делам на добри и лоши. А еден ден и тоа нема да го правам затоа што сите заминуваме во иста почва… – нагласува во говорот Иванов.

Почвата што ја спомнува Зорбас, денес се нарекува парцела број 17, алеја 3, гроб број 23 на градските гробишта „Бутел“ во Скопје. Таму почива Георгиос Јоргос Зорбас. Познат во целиот свет како Гркот Зорба.

Во 1997 година во Скопје ќе гостува Микис Теодоракис и во тогашниот Македонски народен театар заедно со Мекедонската филхармонија ќе биде изведено најпознатото негово дело „Гркот Зорба“. При ова посета Теодоракис ќе го посети и ќе положи цвеќе на гробот на Јоргос Зорбас.

Во 2019 година на неговиот гроб во Скопје цвеќе положи и партнерката на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.

Балканот и историјата

Се вели дека историчарите на Балканот имаат проблем со дефинирањето на работите не затоа што им недостигаат факти, туку поради тоа што фактите ги читаат наназад: од денешната нација кон минатото наместо обратно. Во согласност со ова, секој човек што живеел на Балканот во 19 или на почетокот на 20 век мора да биде некој – Грк, Бугарин, Македонец, Србин и да припаѓа и така да живее. Оние што живееле поинаку, кои се иселиле или одбиле да се впишат во националните матични книги на историјата, како да не постоеле. Или постојат само доколку може да бидат присвоени. Зорбас и Казанѕакис се, најверојатно, такви луѓе. И токму затоа и нивната приказна е тешко да се раскаже правилно.

Зорбас бил дете на онаа стара, преднационална реалност – на рудниците, каде што работеле луѓе од десетина народи, на пазарите, каде што се тргувало на шест јазици, на кафеаните, каде што православниот, муслиманот и Евреинот седеле на иста маса. И затоа се верува дека останал во Скопје поради сличноста што тука ја пронашол. 

Гробот на Казанѕакис, кој ги создал и со својот роман ги сочувал сеќавањата на Зорбас, се наоѓа во родниот град Ираклион на Крит. Тоа е една бела камена плоча, на која се напишани само зборовите на Зорбас: „Не се надевам на ништо/Не се плашам од ништо/Слободен сум“. ​Националните наративи на Балканот честопати се премногу тесни за да ги примат луѓето со слободен дух, па затоа ги прифаќаат дури кога ќе станат безопасни, кога ќе станат историја.

Смртта на Зорбас 

Кон крајот на триесеттите години од минатиот век, Зорбас веќе е стар човек. Во 1940 година ќерката Екатерина се омажила за Никола од богатата фамилија Јада, според едни кажувања, еврејска или според други, влашка, цинцарска – и заминала да живее во Белград. Заедно ќе имаат две деца: ќерката Ана и синот Вангел, кој ја зачувал последната веродостојна фотографија од деда си.

Зорбас останал сам во Скопје – сега под бугарска окупација, откако германските, италијанските и бугарските сили во 1941 година ја поделиле Југославија. Во таа тишина, во таа окупирана зима, Зорбас умрел на 16 септември 1941 година, на возраст од 76 години, од срцев удар.

Неколку дена пред тоа да се случи Казанѕакис на хартија го запишал насловот на новиот роман, во превод на македонски јазик: „Животот и времињата на Алексис Зорба“. Со меѓународниот успех на книгата и особено со култниот филм од 1964 година со Ентони Квин, снимен врз основа на романот, насловот се скратил во едноставното и впечатливо „Гркот Зорба“. ​

Во заоставштината на Казанѕакис останале документи кои покажуваат дека иако разделени со години, двајцата пријатели и понатаму се исповедале еден на друг. Таа преписка ќе влезе во романот. Казанѕакис ќе запише дека за него – Зорбас бил рамо до рамо со Хомер, Ниче и Бергсон – телохранителите на Одисејата, луѓе што ја штитат слободата на човечкото мислење.

„Зорбас ме научи да го сакам животот и да не се плашам од смртта“ – пишува Казанѕакис. ​

Во романот последното нешто за кое дознаваме е дека Зорбас умрел и му го оставил сантурито, музичкиот инструмент, на нараторот. Во реалноста подарокот останал во Скопје. Казанѕакис никогаш не дошол да го земе. Не дошол воопшто – иако Зорба често го канел да дојде и да го види прекрасниот камен. Во романот Казанѕакис се прикажал себеси како некој што не одговорил на поканата. Можеби тоа е и највистинскиот дел од таа приказна.

Гробот на Зорбас

​Зорбас бил погребан на гробиштата под Водно. Во 1954 година, поради урбанистички промени, неговите коски биле пренесени на гробиштата „Бутел“ – во семејната гробница на фамилијата Јада. Таму и денес лежи. Надгробната плоча е скромно обновена кон крајот на осумдесеттите. Старател е блиска роднина на семејството. Освен неа, другите тешко успеваат да ја најдат парцелата без помош на вработените во „Бутел“.

​Во 1996 година грчки новинари објавиле дека гробот на Гркот Зорба е во Скопје. Неколку недели подоцна, Микис Теодоракис лично дојде во Скопје, го претстави Зорба Гркот во Македонскиот народен театар заедно со Македонската филхармонија и положи ​цвеќе на гробот на Јоргос Зорбас. На концертот присуствувал и тогашниот претседател Киро Глигоров.

Семејството на Гркот Зорба

​Во 1965 година, дваесет и четири години по смртта на Зорбас, филмот на Михалис Какојанис, „Гркот Зорба“, имал свечена премиера во Белград. На неа присуствувале ќерката Екатерина, нејзините деца Ана и Вангел и зетот Милан Гајгер – маж на Ана, со кого таа живеела во Белград. По проекцијата, семејството го запознало Ентони Квин, кој го одиграл Зорбас. Екатерина му честитала лично велејќи му дека со извонредната улога го оживеал татко ѝ. ​

Потомците на Зорбас се расфрлани во целиот свет, но семејната нишка не се скинала. Ана Гајрер и Милан Гајрер ја имаат ќерката Катерина Гајрер. Во Грција останале потомци од синовите на Зорбас – и токму тие во 2020 година ја поклониле семејната куќа во Палеохорие на Халкидики на општината Аристотелус.

И на крајот, неверојатно е точна изреката на Зорбас дека сите заминуваме во иста почва. Тој во Грција не оставил ништо, освен потомците. Телото му е закопано во Скопје. Рудниците се во планините околу Скопје – без точна адреса, без патоказ, можеби под некоја падина кај Драчево и Зелениково. Сантурито е во нечија фиока во Скопје – или можеби било. Казанѕакис го зел само оној дел што можел да се запише. ​Иако Зорбас живеел и имал рудници во Скопско, Казанѕакис, кој никогаш не дошол во Скопје, го сместил Зорбас на Крит затоа што не знаел како изгледаат Скопје и планините околу него. Тој, пак, лежи на Крит, под камена плоча, со зборови што Зорбас ги кажал со целиот свој живот, а не само со пенкалото: „Не се надевам на ништо. Не се плашам од ништо. Слободен сум“.

Славица СТЕФАНОВСКА за МИА