Словачкиот министерот за надворешни работи, Мирослав Лајчак, предупреди дека престојната одлука за отворањето на пристапни преговори со Македонија и Албанија ќе биде клучна за идното проширување наЕУ.
-Средбата во октомври ќе испрати силен сигнал. Ќе покажеме колку сме сериозни. Се надевам дека сме сериозни. Одлуката ќе има многу сериозни последици за идното проширување, предупреди Лајчак, пред неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ и нивните колеги од Западен Балкан кој се одржува во Хелсинки каде ќе се разговара за ситуацијата во регионот.
Меѓу поважните теми е можноста за започнување преговори за пристапување помеѓу Брисел и Скопје, и Тирана во светлина на одлуката на ЕУ во јуни, кога земјите-членки се обврзаа дека во октомври ќе донесат конкретна одлука за почеток на пристапниот процес.
Во врска со Србија, Лајчак оцени дека најавеното потпишување трговски договор со „проруската групација“ од страна на Србија е „збунувачка“ и пораче дека „не може да се оди во неколку насоки истовремено“.
Србија треба да потпише трговски договор со Евроазиската економска унија на 25 октомври, а Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Русија постои од 2000 година.
Лајчак ја повика Приштина да ги укине таксите на српските производи и истакна дека реалноста е дека Косово не признато од пет членки на ЕУ.