Албанскиот претседател Илир Мета ја разјасни дилемата дали ќе оди или не на распит пред парламентарната анкетна комисија, која ги испитува наводните кршења на Уставот од негова страна.
Ден по поканата на претседателот на комисијата Улси Мања, шефот на државата истакна дека ќе оди во парламентот бидејќи „таткото на нацијата треба да биде пример за институционална соработка“.
На Фејсбук напиша дека деновиве „полудел“ од пораките на новинарите кои сакаат да знаат дали ќе се појави пред Комисијата.
Сметајќи го ова прашање како апсурдно, Мета посочува дека со нетрпение очекува да се врати во парламентот.
– Драги мои пријатели новинари, ме „полудевте“со вашите СМС-пораки како никогаш досега! Но, какво е ова апсурдно прашање што ми го поставувате сите? Ме прашувате дали ќе одам во парламентот ?! Прво, претседателот како шеф на државата треба да биде пример за институционална соработка. Верувам дека во овие две години направив се за да ја воспоставам оваа соработка, со целосно почитување на Уставот, владеењето на правото и јавниот интерес. Второ, јас едвај чекам да се вратам во парламентот, напиша Мета.
Според тиранската телевизија Ора њуз, Мета досега е највисок официјален претставник на албанската држава што се појавува пред анкетна комисија.
Се очекува да биде повикан на почетокот на следната недела да одговара на прашања околу обвинувањата за уставни прекршувања. Истрагата за претседателот Мета ќе трае до 9 октомври.