Косово се претвора во упориште на тероризмот, оцени денеска портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова, повикувајќи ги државите „кои стојат зад Приштина“ да посветат сериозно внимание на тоа.

– Целата територија на Косово се претвора во упориште на тероризмот, рече Захарова на редовната прес-конференција.

Според неа, на Косово се враќаат припадници на Исламска држава кои се врбувани меѓу косовските Албанци и кои поминале обука.

– Веќе се регистрирани 250 такви случаи, рече Захарова.

Таа додаде дека станува збор за луѓе кои имаат радикални ставови и големо искуство во борби.

– Тоа создава уште еден ризик за безбедноста на Балканот и цела Европа, предупреди Захарова.

Таа смета дека порастот на заканата од тероризам е очигледен. Според неа, албанските власти на Косово не се во состојба да се борат со тоа „дури и да сакаат“.

– Ги повикуваме оние кои стојат зад Приштина, САД и ЕУ да посветат најсериозно внимание на тоа. Ние поаѓаме од тоа дека ЕУ треба да преземе соодветни мерки, истакна Захарова.