Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата во изминатите две години работи на реализација на голем број инфраструктурни и развојни проекти, посочувајќи дека низ државата има повеќе од 1.200 активни градилишта и проекти.

Во своето обраќање по повод 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба, Мицкоски истакна дека е свесен за разочарувањето на граѓаните од досегашните ветувања и за секојдневните предизвици со кои се соочуваат семејствата, нагласувајќи дека носителите на јавни функции имаат обврска да ја оправдаат довербата што им е дадена.

„Пред тие луѓе секој носител на јавна функција мора да покаже скромност и почит. Нивната мака заслужува одговор, нивното време заслужува почитување, а нивната доверба мора да се оправдува секој ден“, порача премиерот.

Автопати, железница и енергетски проекти

Одговарајќи на прашањето што е направено во изминатите две години, Мицкоски ги посочи инфраструктурните инвестиции во патната и железничката мрежа, како и во енергетскиот сектор.

Меѓу проектите што ги наведе се автопатските делници Блаце–Скопје, Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани, Прилеп–Битола, Кичево–Охрид и Букојчани–Кичево, како и експресниот пат Градско–Фариш–Дреново.

Тој ја спомена и изградбата на железничката пруга од Куманово до Бељаковце, продолжувањето на следните фази кон границата со Бугарија, како и далекуводот Битола–Елбасан.

Во делот на енергетиката, премиерот ги посочи и двата гасоводни интерконектори кон Грција и Србија како дел од планираните и започнатите инфраструктурни активности.

Половина милијарда евра за општините и инвестиции во образованието

Мицкоски наведе дека за инфраструктурни проекти на општините и поддршка на македонските компании се издвоени половина милијарда евра.

Меѓу проектите во образованието ги посочи изградбата на два студентски дома, осум училишни домови кои, според него, започнуваат со фаза на реализација, како и инвестиции од 90 милиони евра во образовната инфраструктура.

Премиерот во обраќањето изнесе и тврдења за економските показатели, оценувајќи дека земјата бележи ниска инфлација во европски рамки и се наоѓа меѓу државите со повисок економски раст.

„Ќе одговараме со работа и енергија“, потенцира Мицкоски.

Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи со реализација на проектите и покрај критиките од опозицијата, нагласувајќи дека развојот на државата бара јасни цели, сплотеност и посветеност на националните интереси.

„Колку ниско и да напаѓаат тие, ние ќе одговараме со работа и енергија“, истакна премиерот.

Тој додаде дека на патот кон остварувањето на поставените цели може да има предизвици и грешки, но нагласи дека тие не смеат да бидат од таков карактер што ќе ги загрозат стратешките интереси на државата.

Во завршниот дел од обраќањето, Мицкоски се осврна на значењето на слободата и еднаквоста пред законот, посочувајќи дека целта треба да биде создавање држава во која граѓаните ќе можат чесно да заработуваат, слободно да го изразуваат своето мислење и сигурно да ја планираат иднината.

„Кога законот важи еднакво за влијателниот и за обичниот човек. Кога партиската книшка ја губи моќта пред знаењето, трудот и способноста. Тоа е државата што сме должни да ја создаваме“, порача Мицкоски.

Тој заклучи дека одговорноста за иднината на државата започнува од носителите на јавните функции, нагласувајќи дека функциите се привремени, но последиците од донесените одлуки остануваат.