Неговото вечно почивалиште е во дворот на најпознатата прилепска црква – „Свето Благовештение“, или Стара Црква. На 50-тина метри од семејната куќа на Тошеви во Прилеп.

Учителот, револуционерот, поттикнувачот на прогресивните, револуционерни млади сили, совеста на Македонската револуционерна организација од 19 век, прилепчанецот Пере Тошев еден е од ретките македонски револуционери кој почива на македонско тло.

Тој е човекот во заднината. Учителот, но и тивкиот револуционер кој е во основачите на Македонската револуционерна организација и борба.

Напишано е, ама, во суштина, не е одгатнат револуционерот Пере Тошев. А неговите потомци се повеќебројни. И во Прилеп, и надвор од државата.

Пред 32 години, во септември 1994 година, Прилеп ги побара и ги доби посмртните останки на својот револуционер. Ги доби од општина Кавадарци, зашто на 4 мај 1912 година, враќајќи се дома, во Прилеп, Македонија, по малтретирањето, иследувањето, затворањето во Бугарија, во Дреновската клисура, кај Фариш, пред Прилеп, во кавадаречкиот округ, бил пресретнат од турскиот аскер, убиен, искасапен, закопан покрајпат.

Сега, вечното почивалиште на прилепскиот и македонски ревоуционер, Пере Тошев, е во црковниот дворски круг на „Свето Благовештение“.

-Иницијативата да ги пренесеме неговите останки од кавадаречко Фариш потекна од првите прилепски челници во 90-тите години од минатиот век. Ни беше оставен аманет уште од Драган Јанушески, претседател на Извршниоот совет на Прилеп до 1990-та година. Во септември 1994 година, околу празникот Мала Богородица, се оствари нашата желба да ги добиеме неговите останки. Се одржа панихида, се погреба во црковниот двор каде и ден-денес е неговото вечно почивалиште – објаснува Кире Николоски, професор по историја во прилепската гимназија и, своевремено, претседател на Извршниот одбор на Прилеп.

Пере Тошев е учителот, револуционерот, поттикнувачот на прогресивните, револуционерни млади сили.

Роден е во богато и видно семејство, преселено во Прилеп од дебарско. Основно образование завршил во Прилеп, па продолжил да се школува во солунската гимназија, местото на прогресивните македонски револуционери, меѓу кои и неговиот другар, Ѓорче Петров.

-Силен ум со јака волја. Целиот свој живот ќе ѝ го посвети на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО), ќе ги осмислува и ќе ги трасира патиштата на нејзиниот од, ќе ја брани од секакви надворешни влијанија и пречки, ќе се бори за најполна демократизација на нејзиниот механизам и ќе ѝ го остави како најскап дар својот прецизно составен и опширен Правилник за нејзиното раководење, ќе напише историчарот Љубен Лапе во 1972 година при 60 годишнината од смртта на Пере Тошев, обраќајќи се во Фариш, Кавадаречко.

Како наставник во прилепската гимназија во 1892 година, заедно со Дамјан Груев, се запознаваат и ги создаваат првите размислувања за организирана борба во Македонија. Со својата здрава логика, Тошев ја создава почвата за првиот месен комитет во Прилеп, а потоа и во Скопје каде продолжил да учителствува. Потоа, во Битола ги поставил темелите на окружниот комитет на Тајната македонско-одринска револуционерна организација и станал нејзин прв претседател во 1894 година.

За кратко време стигнал до Централниот комитет на Организацијата.

Илинденското востание го поддржал со четите од мариовскиот крај.

По конфликтот со бугарските власти, испрашувањата, измачувањата, затворањата, сакал да се врати во родниот крај – Прилеп. Но не стигнал, бил убиен во Дреновската клисура кај Фариш. Неговото тело било распарчено, закопано крај патот. Семејството дури по пет дена можело да го пренесе, но во црковниот двор на Фариш, за по цели 82 години своето вечно почивалиште да го најде во Прилеп, блиску до семејниот дом.

Но Пере Тошев до ден-денес не е доволно истражен, суштински, и го нема заслужното внимание на другите револуционерни дејци.

Зошто?

-Иако во суштината, Пере држи едно од врвните места, иако дури беше жив влезе и во странската литература, како еден од главните херои на францускиот писател Пјер Д Еспања во неговиот роман „Пред колежот“, сепак, во нашата историографија и литература, тој е неоправдано заборавен -забележува историчарот Љубен Лапе.

Историчарот Славчо Ковилоски од Институтот за македонска литература од Скопје вели дека Пере Тошев е во тие заслужни дејци кои се подзаборавени.

– Ние подзабораваме врвни личности, како што е Пере Тошев. Пере Тошев е во врвната „петорка“ на Македонското револуционерно движење, иако, поради неговата интровертна природа, не стигнал до тоа ниво на препознатливост како што стигнале Гоце Делчев, Ѓорче Петров. Но, Пере Тошев е духот, совеста на Македонската револуционерна организација, човекот кој активно „врбува“, ангажира млади ученици, ги препознава нивните бунтовни години, како учител во гимназиите. Едноставно, ги препознава и ги вклучува во Македонската револуционерна организација. Пере Тошев е еден од ретките идеолози чии коски почиваат на македонска почва – вели Ковилоски.

Од историчарот Зоран Богески кој смета дека колегите и македонската историја имаат долг во истражување и доделување на заслужното место на Пере Тошев, побаравме објаснување зошто го носи епитетот „совеста на Македонската револуционерна организација“. Според Богески, Тошев имал високи морални норми на кои и денес би му позавиделе.

-Тој епитет, сам по себе, носи признание со тоа што ја изразува суштината на неговиот карактер, на пристапот кон револуционерното дело, кон моралните и етички принципи за револуционерите да се придржуваат кон воспоставената цел на Организацијата и да ѝ се потчинуваат, а некористејќи ја својата позиција, како што и денес е случај, да стекнуваат престиж и влијание во општеството и средината. МРО за него не е средство, не е личен престиж и издигнување или, системска власт, туку Револуционерот треба да е дисциплиниран, потчинет на целите и задачите на Организацијата и да дејствува секогаш, преку начините и методите кои се воспоставуваат во револуционерното дело, да се оневозможи самоволието. И затоа се залага и за изборен принцип на демократско раководење на самата револуционерна организација, особено, по Илинденското востание, вели историчарот Богески.

За Тошев се открива и еден раритет. Тој влијаел на неколку главни учесници во Илинденското востание. Како потврда дека Пере Тошев умеел со младите напредни умови да ги заинтересира за револуционерните, напредни идеи и постапки.

-Показатели дека Пере Тошев знаел да ги убеди младите за револуционерната борба има доста. Тој, во Битолската гимназија се обидувал да таргетира талентирани ученици кои, преку помакотрпен процес ќе ги тестира и ќе ги вклучи во револуционерното движење и од нив ќе произведе револуционери. Таков е случајот и со интелектуалната група, формирана од него, од крушевските ученици: Никола Киров Мајски, Наум Томалевски, Стерја Блажев, на кои им бил професор во Битолската гимназија. Таа група, подоцна, одигрува клучна улога во Илинденското востание, раководејќи повеќе настани, вклучително и Леарницата во Крушево каде се поправа оружјето и се произведуваат куршуми – вели историчарот Богески.

За славниот предок, револуционерот Пере Тошев, слушале и неговите правнуци. Меѓу нив е и прилепчанецот Васко Смилески, кој крвната поврзаност со славниот пра-пра-пра дедо ја носи преку својата мајка, внука од сестра на Пере Тошев. Вели, приказните постојано ги слушал од мајка му. Но, едно е највредно. Како што рскажувала, таа ги имала, а сега се во наследство на Васко Смилески, три лични предмети на Пере Тошев: ѕвоното од неговиот коњ, неговите очила и џебниот часовник.

Пере Тошев не остави директни потомци, но остави историјата да се засрами зошто не му го доделила вистинското, заслуженото место во развојот на македонската револуционерна мисла, борба и Организација.