Со проектот за изградба на цевковод и резервоари за вода во неколку населени места во општина Радовиш ќе обезбедиме навремена и постојана дистрибуција на вода до граѓаните, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Според Договорот, изградбата на водоводот, во вредност од 860 илјади евра, треба да биде завршена во март следната година. Се реализира со поддршка на КФВ банката и средства, а покрај во Радовиш опфаќа и подобрување на водоснабдувањето и во Кавадарци, Гевгелија и Гостивар и е со вкупна вредност од 13,8 милиони евра.
Министерот Сугарески при увидот на активностите на терен укажа дека општина Радовиш е избрана да влезе во проектот поради огромната потреба на граѓаните да бидат снабдени со квалитетна и константна диструбуција на вода.
– Се залагам за реализација на проекти за изградба и подобрување на комуналната инфраструктура, бидејќи не можам да прифатам граѓаните да немаат соодветно водоснабдување и канализација во 21 век. Очекувам со изградбата на овие резервоари водата констатно да биде достапна до сите домаќинства и ги уверувам граѓаните да бидат спокојни, бидејќи ќе им се реши е горлив проблем со кој се соочувале со години и повеќе нема да има рестрикции на вода, изјави Сугарески.
Тој потенцираше дека Владата е максимално посветена на развојот на Источниот и Југоисточниот регион. – Во овој регион интензивно работиме на изградба на експресниот пат Штип-Радовиш, завршивме со реконструкција на регионалниот пат Штип-Радовиш, како и со реконструкција на патните првци од Радовиш до Подареш и Конче. Исто така, почнавме и со реконструкција на делницата од Радовиш до Струмица, со што сите државни патишта коишто гравитираат околу Радовиш ќе бидат рехабилитирани. Најавивме економска година, интензивно работиме на реализација на инфраструктурни проекти, а резултатите се веќе видливи, рече Сугарески, соопшти МИнистерството з атранспорт и врски.
Според градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов на министерот Сугарески му ги претставил инфраструктурните проекти што се спроевдуваат во општината самостојно и со поддршка на централната власт. – Имаме огромна поддршка од централната власт за реализација на крупни капитални проекти и заеднички работиме за подобар живот на граѓаните. Нашата општина влезе во проектот за изградба на локални патишта, со што од Министерството за транспорт и врски ќе добиеме поддршка во висина од преку милион евра кои ќе бидат наменети за изградба на локални патишта на места каде до денес немаше начин да се стигне освен со трактор, изјави градоначалникот Конзулов.
При посетата на општина Радовиш, министерот Сугарески имаше средба и со пратеничката Милева Ѓоргиева и претседателот на Советот на општина Радовиш, Коле Чаракчиев.