Триумфот на Лигата на шампионите продолжува да му се „лизнува“ на Јувентус, а сега задачата да го донесе трофејот во Торино ја има Маурисио Сари. Италијанскиот шампион стартуваше во својата група со 2-2 против Атлетико Мадрид, а утре вечер го пречекува Баер Леверкузен.
– Лигата на шампионите е врвот. Сепак, ние мора да играме со расположение, да не го прифаќаме како некаков товар. Утре е тежок натпревар за нас против многу силен конкурент. Баер е тимот со најголем процент на посед во Бундеслигата оваа сезона и неговите играчи се многу цврсти физички и исто така добро дриблаат. Ние самите имаме многу повеќе за да се подобриме во нашата игра. Нашата цел е да ја освоиме ЛШ, но ова ќе се случи само преку исклучителни игри. Особено за судирот со Леверкузен, очекувам дека ќе постигнеме добар резултат. Ќе биде тешко за нас, бидејќи ова е наш прв дуел на домашен терен оваа сезона, рече менторот на „бјанконерите“.
Сари повтори дека сè уште нема начин Кристијано Роналдо, Пауло Дибала и Гонзало Игуаин да играат заедно.
– Треба да бидеме балансирани. Засега, оваа опција би ја испробале само во одредени точки од натпреварот. Инаку, задоволен сум што нашиот тим напредува на физички план. Сепак, важно е и на кое ниво е нашата психа. На тренинг гледам висок професионализам од страна на момчињата, вели тренерот.
Стратегот го пофали и новиот играч од средниот ред Арон Рамзи.
– Бев изненаден од тоа колку брзо се опорави од својата повреда и се приклучи на тимот. Сепак, мислам дека тој има многу работи што треба да ги развива во неговата игра, прокоментира Сари.