Државниот секретар Мајк Помпео на средбата со македонскиот државен врв в петок во Охрид уште еднаш ќе истакне дека Договорот од Преспа е исклучителен и храбар чекор на лидерите на Македонија и Грција за стабилизација и просперитет на регионот и за влез на земјата во НАТО и ЕУ, изјавија за МИА од американскиот Стејт департментот.
Оттаму изјавија дека САД се фокусирани на Западен Балкан како стратешки важен дел од идејата за обедината Европа. Затоа, државиот секретар Помпео ја комбинира повеќедневна официјална посета на регионот – после Ватикан, в петок тој ќе ги посети Подгорица и Охрид „за реафирмација на сојузништвото со 29-та и 30-та членка на НАТО, последни кои се приклучија на алијансата“. Помпео потоа патува за Атина.
– Северна Македонија е кандидат за членка на воената алијанса и учествува во мисиите на НАТО многу одамна, изјави официјално лице од Стејт департментот, додавајќи дека деновиве се навршуваат 25 години од воспоставените дипломатски односи меѓу Вашингтон и Скопје „откако земјата прогласи независност од поранешна Југославија“.
Во текот на посетата, Помпео во Охрид ќе се сретне со македонскиот претседател Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, со вице-премирот Бујар Османи, како и со министрите за надворешни и за одбрана, Никола Димитров и Радмила Шеќеринска.
Од Стејт департментот за МИА изјавија дека разговорите ќе се фокусираат како на безбедноста така и на можностите за економски развој на земјата.
– Поради зголемената безбедност, членството во НАТО е проследено со економски можности за привлекување странски инвестиции. Тоа е приоритет на владите на Северна Македонија и Црна Гора. Со постигнатиот Договор од Преспа и зачленувањто во НАТО, притокот на странски директни инвестиции во Северна Македонија во 2018 година мислам дека достигна 738 милиони долари, што е рекорд за земјата, изјави офицјално лица од Администрацијата во Вашингтон.
САД ја пофалија и соседна Бугарија за постигнатиот Договор за пријателство помеѓу Софија и Скопје, „како чекор напред во реализација на процесот од Преспа“.
Од Стејт департментот потврдија дека една од темите за разговор во Подгорица и Охрид ќе биде и дестабилизирачката улога на Русија во регионот. Москва се обиде да изведе пуч во Црна Гора пред две години и го минираше потпишувањето на Договорот од Преспа.
-Ги гледаме ефектите од руските злонамерни активности во регионот и тоа е проблем што загрижува. Многупати досега повторивме дека суверените и независни земји и нивните народи решаваат за својата иднина и каде сакат да одат, за нивната одлука да бараат членство во НАТО, изјавија од американскиот Стејт департмент.
На средбите со лидерите на Црна Гора, Македонија и Грција, Вашингтон исто така ќе разговара и за решавање на отворените прашањата меѓу Косово и Србија.
Во Охрид, делегацијата предводена од државниот секретар Помпео ќе го посети манастирскиот комплекс на црквата Света Богородица Перивлепта изграден во 13 век.