Секој осми млад човек во Република Македонија не би простил прељуба во бракот, речиси за секој шести се прифатливи предбрачни сексуални односи, додека една четвртина од младите би избрале абортус поради несакана бременост.
Ова се дел од резултатите на најновото истражувањето за перцепцијата на младите во Македонија во поглед на нивните религиски, етички и морални вредности, спроведено од „Институтот за политички истражувања – Скопје“ (ИПИС) и интернет порталот „Религија.мк“, со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС).
Македонија е генерално религиозна држава и тоа важи како за христијаните, така и за верниците кои се припадници на исламската религија, вклучително и кога станува збор за помладите генерации. Значаен дел од младите од двете главни вероисповести, релативно често ги посетуваат верските храмови, како еден од сегментите на практикување на религијата.
Ова прво вакво големо истражување од овој тип, открива дека генералната перцепција кај младите е почитување на одредени морални критериуми кои се дел и од религиските нормативи, но сепак во одредени случаи свое влијание имаат и современите општествени текови кои понекогаш делумно или целосно се косат со одредени традиции или религиозни начела.
Седумдесет и три проценти од испитаниците се изјасниле како православни, 23,4 отсто како муслимани, додека како припадници на други религии се изјасниле 0,7 проценти, а 2 отсто се изјасниле како атеисти.
Сепак, како што беше утврдено и во претходните истражувања, постои разлика помеѓу припадност и практикување на одредена религија, со оглед дека првото е повеќе перцепирано како традиција и наследство, додека второто е личен избор на луѓето кои самостојно одлучуваат дали религијата ќе ја практикуваат или не.
На прашањето дали за себе можат да кажат дека се религиозни 47 отсто од младите одговориле потврдно, 36 проценти изјавиле дека се донекаде религиозни, како малку или воопшто нерелигиозни се определиле 17 проценти од испитаниците.
На прашање, кое е компатибилно со стандардното прашање кое се поставува во истражувањата на Евробарометар, на ниво на ЕУ дали веруваат дека Бог постои како што е напишано во Библијата или Куранот за муслимани, дека Бог не постои, но постои некоја виша сила или дека не постојат ниту Бог, ниту виша сила 68 од испитаниците се определиле за првата варијанта, 21 отсто за втората и само 5 отсто за третата опција.
Во врска со тоа кога последен пат биле во црква/џамија, 20 отсто од младите православни верници изјавиле во текот на минатата недела, 31 отсто текот на претходниот месец, 29 отсто пред неколку месеци, осум отсто минатата година и девет проценти изјавиле дека не одат во црква. Кај муслиманите овие проценти се следствено 25, 25, 7, 8 и 27 отсто.
Во истражувањето е испитана и перцепцијата на младите околу нивните размислувања и ставови за прашања кои се однесуваат на нивните морални критериуми од аспект на вредностите кои се директно или индиректно поврзани со религиозните учења.
На прашањето дали за вас се прифатливи предбрачните сексуални односи високи 55 отсто одговориле потврдно, а 15 проценти дека тоа е за нив донекаде прифатливо. Од друга страна, неверството пред стапување во брак е прифатливо само за осум отсто, а за 12 проценти е донекаде прифатливо. Во однос на неверство во брак овие проценти се уште пониски, односно само за два отсто е прифатливо, а за пет отсто донекаде прифатливо.
Во однос на употребата на лесни дроги која е актуелна тема и во домашни, но и во светски рамки и е предмет на континуирана дебата меѓу противниците и приврзаниците на легализацијата на лесните дроги, испитаниците се релативно конзервативни, со оглед дека само седум отсто од нив изјавиле дека употребата на лесни дроги е прифатлива и дополнителни 12 проценти донекаде прифатлива.
Во однос на физичкото насилство помалку од еден процент изјавиле дека тоа за нив е прифатливо, а еден процент дека е донекаде прифатливо.
Кога станува збор за корупцијата односот на младите е негативен со оглед дека високи 58 отсто изјавиле дека таа е целосно неприфатлива, додека 19 проценти сметаат дека е донекаде неприфатлива како општествена појава. За само пет отсто давањето мито за услуга е прифатливо.
Во однос на перцепцијата за одржување на геј паради мислењата се исклучително конзервативни, според резултатите на ова истражување, со оглед дека само 10 отсто и дополнителни 12 отсто изјавиле дека за нив тоа е прифатливо, односно донекаде прифатливо.
Од друга страна, заеднички живот без стапување во брак како еден од современите трендови во општеството е прифатлив за 57 отсто, односно донекаде прифатлив за дополнителни 14 отсто.
Четириесет и девет отсто од испитаниците одговориле дека планираат да стапат во брак и дополнителни 38 отсто веќе се во брак, а само седум отсто изјавиле дека не планираат да основаат брачна заедница.
За 67 отсто од испитаниците прељубата може да биде оправдана причина за развод на брак. Во уште повисок процент, односно 76 отсто од вкупниот број испитаници, се на став дека физичкото насилство е оправдана причина за развод и високи 65 отсто исто така се согласуваат дека пороци и зависности од страна на партнерот можат да бидат причина за развод. Високи 78 отсто го истакнале и психичкото насилство како причина за развод на бракот што претставува и највисок процент во однос на сите други одговори, слично како и физичкото насилство.
Силните семејни врски, традицијата и меѓусебната поврзаност со општественото ткиво вообичаено би прејудицирале посилна желба да се остане дел од ова општество. Но, сепак и покрај воспоставените традиционални норми, голем дел од младите сака да ја напушти државата. Ова се должи во најголем случај на наизвесноста кон решавање на егзистенцијалните прашања, односно големата финансиска несигурност во општеството. Така, на прашањето дали размислувате да се иселите од државата, дури 52 отсто од испитаниците одговориле потврдно, притоа наведувајќи ги финансиската стабилност/животен стандард, можноста за напредување и невработеноста како главни причини, односно 22 отсто, 11 отсто и 10 отсто следствено.
Во анализата е истражувана и интеракција меѓу верските заедници и општеството во контекст на социјално корисни проекти и перцепцијата на младите околу можноста за вклученост на религиозните заедници, пред се МПЦ и ИВЗ во ваков тип на проекти.
Младите исклучително силно би поддржале ангажман на верските заедници во социјалната сфера и тоа во области како грижа за сиромашни, зависници, раселени лица, лица со попреченост, брачно и семејно советување.
Истражувањето направено од ИПИС, Религија.мк и КАС, е на репрезентативен примерок од 708 испитаници помеѓу 16-35 години, спроведено во втората половина на јуни 2019 година. Спроведено е како дел од проектот „Македонија како мултиконфесионално општество“, а темата е „Религиски,морални и етички вредности кај младите.“