Петнаесет кохлеарни импланти им се вградени на пациенти на Универзитетската клиника за уво, нос и грло.
Средствата годинава првпат ги обезбеди Фондот за здравствено осигурување. Неопходен е неонатален скрининг кај децата, кој ќе овозможи рана дијагностика на оштетувањето на нивниот слух. Трошоците за вградувањето на кохлеарните импланти, пост-оперативниот период и периодот на рехабилитација кај децата кај кои се утврдува можност за ваков вид интервенција ги покрива Фондот.
Ова денеска на прес-конференција го истакна раководителот на Одделот за аудиологија и отонеурологија на Клиниката, проф.д-р Марина Давчева Чакар, која претседава со 17.Европскиот балкански конгрес за кохлеарни импланти и врвни технологии на слушни помагала, што се одржува во Скопје.
Таа посочи дека 20 до 25 пациенти секоја година чекаат да им бидат вградени кохлеарни импланти и ако многу чекаaт за да им бидат вградени децата стареат, а возраста е основен предуслов за бенефитот од кохлеарната имплантација.
– Горди сме што во нашата држава се спроведува една од најсовремените методи за третман на глувите и на лицата со тешко оштетување на слухот. Просечната возраст на која децата со оштетување на слухот се идентификуваат на Клиниката е две ипол години. Во големите светски центри има еден месец интрахоспитален скрининг, уште еден скрининг пред излегување од болница и дијагностика има на третиот месец по раѓање, а интервенција има на шестиот месец после раѓањето. Ако детето се имплантира после двегодишна возраст шансите се намалуваат за правилно развивање на јазикот и говорот и тие деца значително ќе се разликуваат од нивните врсници кои слушаат и говорат, рече проф.д-р Давчева Чакар.
Таа појасни дека нивните досегашни искуства покажуваат дека децата имплантирани пред 18-месечна возраст имаат шанси за побрзо развивање на говорот и јазикот, за побрзо препознавање на звуците од околината и побрзо развивање на комуникативните вештини.
– Ако детето не слуша кога е родено секој месец и изгубен. Неонаталниот скрининг ќе ни овозможи што порана идентификација и дијагностика. Имаме еден апарат за скрининг на бебињата на Клиниката. Но, на скрининг не подлежат сите бебиња. И бебе нормално родено и бебе кое не е родено предвремено може да има тешко оштетување на слухот. Мојата студија покажува дека наследната глувост како да го зема приматот за причината за тешките оштетувања на слухот. Ако е така скринингот треба да биде универзален не само за бебиња кои се предвремено родени и се со висок ризик, туку да ги опфати сите деца. Подобро е детето се имплантира во првите месеци, истакна проф.д-р Давчева Чакар.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во државава нема неонатален скрининг на слухот на новородените деца и тоа значи дека не можат да имаат точен увид колку деца имаат тешко оштетување на слухот, колку деца се глуви и колкава е годишната потреба за кохлеарни импланти.
Хирургот Бесим Зекири, кој е дел од тимот на Клиниката за уво, нос и грло, рече дека вградувањето кохлеарни импланти е современа и безбедна хирушка постапка и дека е многу е битно кога родителите кои ќе забележат кај своите деца оштетување на слух или намален слух да отидат кај матичниот лекар или на Клиниката каде навремено ќе се постави дијагноза и ќе бидат третирани хирушки, а потоа и ќе бидат рехабилитирани.
Претставникот на австриската компанија MED-EL, која е водечки провајдер на системи и импланти за слух во светот, Евалд Турнер истакна дека државава во изминатите неколку години постигнала значителен напредок во спроведувањето на програмата за вградување кохлеарни импланти за слух.
– Вградувањето имплант уште од рана возраст ми овозможи одлично да го користам слухот и да комуницирам со околината без никакви пречки, истакна 19-годишната Катерина Мутовиќ, ученичка во средното медицинско училиште во Скопје.